СЀ ПОЧНА ОД УМЕТНИЧКАТА ГАЛЕРИЈА СКОПЈЕ – НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА ПРОСЛАВИ 70 ГОДИНИ

    СЀ ПОЧНА ОД УМЕТНИЧКАТА ГАЛЕРИЈА СКОПЈЕ – НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА ПРОСЛАВИ 70 ГОДИНИДиректорката Дита Старова-Ќерими со вработените во Националната галерија на Македонија на свеченоста во Даут пашин амам (Фото: К. Попов)

    Со ретка архивска изложба за почетоците на некогашната Уметничка галерија Скопје, денес Националнат галерија на Македонија (НГМ), со доделување на благодарници, со гости од политичкиот и дипломатскиот кор и со забава, синоќа во пријатна атмосфера во Даут пашин амам, беа прославени 70 години од основањето на институцијата.

    Благодарници и за премиерот Зоран Заев, холандскиот амбасадор во Македонија Ваутер Пломп и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу (Фото: Влада на Македонија )

    Директорката на НГМ, Дита Старова-Ќерими, рече дека на изложбата се претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење.

    „Ние сме денес горди, но и исполнети со големо чувство на одговорност што на нашата генерација ѝ е дадена историска можност да биде современ дел од синтезата со големите основоположници на Галеријата, со нивната обединувачка акција и богатото ликовно творештво, пред сè со основоположниците на македонската ликовна уметност и на НГМ: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Димчо Коцо и другите уметници од тој период“, рече директорката.

    Во Даут пашин амам е поставена изложбата „Почетоци за паметење 1948-1956“ од кустосот Славица Алексоска (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев рече: „Бројот на години за кој сме собрани тука е најдобар аргумент дека делата се потрајни од луѓето, ние сме минливи, но вредностите кои ги оставаме зад себе се вистинските споменици на нашето постоење. Тоа ја прави оваа национална установа дом на трајните вредности на уметноста на нашиот народ“.

    За институцијата инспиративно говореше академик Таки Фити, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), кој кажа дека МАНУ и НГМ имаат една природна, органска поврзаност.

    Политичкиот врв со директорката Дита Старова-Ќерими на синоќешното одбележување на 70 години од основањето на Националната галерија (Фото: К. Попов)

    „Уште во 1948 година кога беше поставена и формирана Националната галерија на Македонија, нејзините основни цели и задачи беа јасно дефинирани, да го евидентира националното културно богатство, да го собира, да го откупува, да го презентира пред пошироката јавност и се разбира да ги презентира и современите текови на ликовното творештво, и мислам дека ако се погледне развојната траекторија на оваа значајна национална институција, таа апсолутно ги исполни поставените и дефинирани задачи“, рече академик Фити. На крајот од обраќањето, ја цитираше историчарката на уметност Соња Абаџиева: „Сѐ почна од Уметничката галерија “.

    Историчарката на уметност Соња Абаџиева меѓу гостите на прославата (Фото: К. Попов)

    Во Даут пашин амам е поставена изложбата „Почетоци за паметење 1948-1956“ од кустосот Славица Алексоска, каде се изложени материјали како документот за основање на Уметничката галерија во 1948 година, решенијата за назначување на Борко Лазески како в. д. директор и за Никола Мартиноски за директор, првиот реверс од 1949, документите за откупи на дела од годишните изложби на ДЛУМ, програми и годишни извештаи за работа, како и текстот за првиот каталог за отворањето на галеријата во 1951.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари