САГРАДА ФАМИЛИЈА ВО БАРСЕЛОНА ЌЕ ЈА ДОБИЕ СВОЈАТА ЦЕНТРАЛНА КУЛА И ЌЕ СТАНЕ НАЈВИСОКАТА ЦРКВА ВО ЕВРОПА

    САГРАДА ФАМИЛИЈА ВО БАРСЕЛОНА ЌЕ ЈА ДОБИЕ СВОЈАТА ЦЕНТРАЛНА КУЛА И ЌЕ СТАНЕ НАЈВИСОКАТА ЦРКВА ВО ЕВРОПАОткако ќе биде изградена огромната Кула на Исус Христос, ремек-делото на Антони Гауди ќе се искачи до 172 метри (Фото: АП)

    По повеќе од еден век изградба, славната базилика Саграда фамилија во Барселона конечно ќе ја добие својата централна кула, со што ќе стане највисоката црква во Европа. Генералниот директор на базиликата Хавиер Мартинес кажа дека кулата ќе биде готова кон крајот на оваа или во почетокот на следната година.

    Ова е важен момент во историјата на изградбата на Саграда фамилија бидејќи ќе ја достигне својата максимална висина. Навикнати сме да гледаме како се градат облакодери низ светот, но извонредно е што ние во 21. век градиме катедрала“, рече Мартинес.

    Откако ќе биде изградена огромната Кула на Исус Христос, ремек-делото на архитектот Антони Гауди ќе се искачи до 172 метри. Тоа ќе ја направи повисока од црквата „Улмер Минстер“ во јужна Германија, која има 162 метри.

    Првите делови се веќе поставени, а останатите ќе бидат додавани постепено во наредните месеци. Откако ќе биде завршена, структурата ќе биде крунисана со крст и опкружена со пет други кули.

    „Работата на фасадата и ентериерот ќе продолжи неколку години, но целта е градежните работи да завршат за приближно една деценија“, рече раководителот на градежните работи на црквата Естев Кампс.

    Камен-темелникот на Саграда фамилија бил поставен во 1882 и Гауди никогаш не очекувал да биде завршена за време на неговиот живот. Само една од кулите беше завршена кога тој почина во 1926 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира