Шеесет и седумгодишниот Сали Буранедин, еден од највозрасните и најагилни планинари во Македонија, денес ќе ја има својата неофицијална промоција за во Гинисовата книга на рекорди, со неговото искачување по илјадити пат на врвот Солунска глава (2.540 метри) на планината Јакупица.
На Солунска глава, Буран, како што скратено го нарекуваат неговите колеги планинари, првпат се качил во 1976. Педесет пати се искачил на врвот кога учествувал на традиционалниот маратон Богомила – Чеплес – Водно во должина од 80 километри. На овие 50 маратони вкупно изодел 4.000 километри.
Наредните години бележел по неколку искачувања во еден месец, за да последните десетина години кога му се јавила желбата за 1.000 искачувања на Солунска глава, ги интезивирал активностите и имало многу денови кога бил на врвот и по три пати.
„На почетокот на оваа година имав над 954 искачувања и тогаш уште повеќе ми се зголеми желбата за јубилејните 1.000 освојувања на Солунска глава. Не е некојдневен подвиг, ама лично многу ми значи“, вели планинарот Буран кој на Солунска глава се искачува повеќе од 40 години.
„Во искачувањето на Солунска глава јас веќе ги остварив трите деветки ( 999 ). Овие денови можев да го остварам и илјадитото искачување, но сепак решив тоа да го сторам денес, заедно со десетици мои пријатели планинари, поголем дел од Планинарското спорстко друштво ‘Бистра’“, вели Буран.
Скопскиот планинар се искачил на највисоките врвови во Европа, Африка и на Блискиот исток, на Кавказ.
Буран на двапати ги освоил највисокиот вулкански врв во Азија, Дамаванд во Иран (5.671 метри) и врвот на планината Арарат во Турција (5.137 метри), како и највисоките врвови во Африка, Килиманџаро ( 5.895 метри) и Маунт Кенија ( 5.199 метри).
„Два пати се искачив и на највисокиот врв во Европа, Мон Блан и десет пати на Триглав, највисокиот врв на Јулиските Алпи во Словенија. Од десет до дваесет пати се искачив на највисоките балкански врвови: Мусала (2.925 метри ) и Вихрен (2.914 метри) во Бугарија, Олимп во Грција ( 2.918 метри) и највисокиот врв во Македонија, Кораб ( 2.764 метри ). Во 1996 година заедно со планинарот Стојанче Костовски од Крива Паланка за еден месец пеш ја изодевме територијата на Македонија по граничната линија долга над 900 километри. Стартот и целта беа кај Радуша“, вели Буран кој им порачува на помладите да се занимаваат со планинарење и да бидат упорно во искачувањата.
Т. ЈОВАНОВСКИ