СЕ ЗАПИШАВ ВО РЕГИСТАРОТ ЗА ДАРИТЕЛИ НА КОСКЕНА СРЦЕВИНА, ПА МОЖЕ И ЌЕ СПАСАМ НЕЧИЈ ЖИВОТ, ВЕЛИ СЕСТРА КОТЕВСКА КОЈА ТРЧАШЕ НА СКОПСКИОТ МАРАТОН

    СЕ ЗАПИШАВ ВО РЕГИСТАРОТ ЗА ДАРИТЕЛИ НА КОСКЕНА СРЦЕВИНА, ПА МОЖЕ И ЌЕ СПАСАМ НЕЧИЈ ЖИВОТ, ВЕЛИ СЕСТРА КОТЕВСКА КОЈА ТРЧАШЕ НА СКОПСКИОТ МАРАТОН„Се запишав во регистарот. Ми зедоа крв исто како што се зема при обичен преглед, таа ќе биде тестирана и ќе ме стават во регистарот, и можеби некој ден ќе можам да спасам живот некому. Ова не боли, не е ништо страшно, затоа сите што сакаат да донираат можат да се запишат и да се тестираат“, вели Виолета Котевска, од Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование, која беше дел од тимот на Националното здружение на медицински сестри (ЗМСТАМ) (Фото: Фејсбук)

    Стотина лекари, медицински сестри здравствени работници од скопските клиники, здруженија на пациенти за ретки болести и за цистична фиброза денес со свои тимови трчаа на Скопскиот маратон, и сите со повеќе кампањи за подигнување на јавната свест.

    Клиниката за хематологија имаше штанд каде учесниците на маратонот и граѓаните можеа да се запишат во регистарот на доброволни дарители на коскена срцевина, односно каде со една епрувета крв која се тестира влегуваат во регистарот на доброволни дарители. Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис вели дека акцијата била успешна, односно над стотина луѓе се запишале во регистарот.

    Виолета Котевска, од Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо стручно образование, која беше дел од тимот на Националното здружение на медицински сестри (ЗМСТАМ) на маратонот се запиша во регистарот на можни дарители на коскена срцевина.

    „Се запишав во регистарот. Ми зедоа крв исто како што се зема при обичен преглед, таа ќе биде тестирана и ќе ме стават во регистарот, и можеби некој ден ќе можам да спасам живот некому. Ова не боли, не е ништо страшно, затоа сите што сакаат да донираат можат да се запишат и да се тестираат“, вели Котевска.

    Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од денес ја почна кампањата за подигање на јавната свест за рана детекција на рак на кожата-меланом, бидејќи навременото откривање на болеста е клучно за успешно лекување. Тимот од Пластика порача дека превенцијата е на прво место. Директорката на Клиниката Софија Пејкова пред стартот на маратонот порача дека не треба да се плашиме од сонцето, кое е извор на животот, но треба да бидеме заштитени.

    Здружението на пациенти со ретки болести „Живот со предизвици“ имаше свој тим на маратонот традиционално во соработка со здружението „Скопско ноќно трчање“ кои трчаа за лицата со ретки болести. Весна Алексовска од здружението „Живот со предизвици“ вели дека годинава се трча за лицата со ретки болести за кои во светот нема терапија и дека може да им се помогне ако им се подобрат условите за живот.

    Свои тимови на маратонот имаа и Здружението со цистична фиброза, пулмонална хипертензија, здруженија за дијабетес.

    Министерството за здравство на социјалните мрежи објави дека со учество на здравствените работници на скопскиот маратон се праќа пораката дека здравјето е најважно и дека секој треба да се грижи за своето здравје со здрава исхрана, физичка активност и редовни контроли.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира