Сеќавањата за Париз, жените во Багдад, партизанскиот живот- периодите од животот на големиот македонски муралист Борко Лазески (1917-1993 година) се претставени низ просториите на Даут пашиниот амам во Скопје, на изложбата која се отвори синоќа во чест на 100 годишнината од неговото раѓање.
Изложени се 60 дела, а кураторката на изложбата во организација на Националната галерија на Македонија, Маја Чанкуловска- Михајловска вели дека се опфатени сите периоди на неговото творештво, освен циклусите за Мариово и охридските рибари.
Издвоени се и мали дрворези кои ги работел во 1935-36 година, преку кои може да се види неговата социјална димензија, која подоцна ќе прерасне во многу ангажиран пристап во уметноста.
„Лазески се залагал за демократизација на уметноста, да биде достапна за сите, и токму затоа, целта на изложбата беше да ги споиме делата. Една сала е посветена на ’Фреската од НОБ’, една на неговата работа на витражот, делата кои ги има изведувано во јавни споменици. Делата кои се изложени, во најголем број се превземени од државните институции “, ни рече Чанкуловска- Михајловска.
„Делата кои Лазески ги насликал во Париз, каде ги совладувал техниките на витражот кај уметникот Момежан и фрескотехниките кај Андре Лот, уметници кои го воведувале во магијата на ликовната уметност, по неговото враќање во Македонија биле многу лошо примени. Дури се зборуваше дека е буржоаски уметник, дека е декадентен, остри беа судовите на критичарите. Тогаш Борко се повлече, и набрзо почна да ја работи ’Фреската на НОБ’, и му се врати желбата за сликање и творење“, ни рече историчарката на уметност Соња Абаџиева, врвен познавач на неговото творештво.
Како дел од проектот за чествување на Борко Лазески, Националната галерија на 28 февруари, во 12 часот ќе организира и предавање за неговото творештво.
Изложбата ќе трае до 5 април.
Б.НЕСТОРОСКА