АКО СЕГА НЕ СЕ СПАСИ МАКЕДОНСКАТА „ГЕРНИКА“ НА БОРКО ЛАЗЕСКИ, ЌЕ ЗАГУБИМЕ ВРЕДНО НАСЛЕДСТВО

    АКО СЕГА НЕ СЕ СПАСИ МАКЕДОНСКАТА „ГЕРНИКА“ НА БОРКО ЛАЗЕСКИ, ЌЕ ЗАГУБИМЕ ВРЕДНО НАСЛЕДСТВОМонументалната „Фреска за НОБ“ од 225 квадратни метри во холот на Старата скопска железничка станица била уништена во земјотресот во 1963 година, а остатоци од скиците-картони денес се во Музејот на Град Скопје (Фото: Национална галерија на Македонија)

    „Окупатор“ и две „Дрво“ се трите скици на картони со димензии 5.70 на 1.68 метри и 5 на 1.67 метри од историскиот мурал за Народноослободителната борба на големиот уметник Борко Лазески, чиј поголем дел се срушил во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година, а кои вечерва во 19 часот ќе бидат изложени во Националната галерија на Македонија – Даут пашин амам.

    Муралот во Старата железничка беше своевидна македонска „Герника“, вели директорката на НГМ, Дита Старова- Ќерими.- Скица за „Фреската во НОБ“ (Фото: Национална галерија на Македонија)

    Јубилејната изложба по повод 100 години од раѓањето на Лазески, за жал, како што потенцираат историчарката на уметност Соња Абаџиева и кураторката Маја Чанкуловска- Михајловска, се отвора со мал дел од картоните за изработка на монументалната фреска за НОБ. Изложените картони се во сопственост на Музејот на Град Скопје.

    Муралот во Старата железничка беше своевидна македонска „Герника“, вели директорката на НГМ, Дита Старова- Ќерими, а пак Абаџиева вели дека таа беше знак за препознавање на авторот, негов амблем-икона или фреска-икона.

    Голем дел од делата на Лазески се или сосема руинирани или се сосема изчезнати.

    Според Абаџиева, нема уметник во Македонија со толку фатален исход во однос на запазување на ликовниот опус како од оној на Борко Лазески, во кој спаѓаат „1903“ или „На Мечкин Камен”, фреска од 1950 во некогашниот Дом на ЈНА, уништена во земјотресот исто како и мозаик на истото место, како и „Играорци”, зграфито во старата железничка станица каде пропаднал и поголемиот дел од фреската за НОБ.

    Скицата „Окупатор“ со димензии 5.70 на 1.68 метри (Фото: СДК.МК)

    „Едната половина од фреската во Железничката станица беше уништена од природна стихија, а другата од човечки фактор. Другата половина го преживеа земјотресот, но ја срушија луѓето, понесени од таа енергија на разрушување на сè она што почнало да се руши од природата. Многу работи од незнање, од непочитување ги девастираме. Голема штета е што тоа пропадна. Половина фреска можеше да се зачува, тоа е богатство. Покрај тоа што други слики и фрески исчезнувале, од разно разни причини во последниов период на самостојна Македонија, пред шест години се случи голема катастрофа кога изгореа фреските во Поштата во центарот на Скопје. Во таа ситуација не видовме некој да одговара, никој не ни покренува инцијатива тоа да се обнови. Ќе го цитирам авторот од една прилика, дека најголема желба му е да му се обнови фреската во Старата железничка станица, затоа што смета дека е тоа негово врвно дело. Точно е тоа дека е негово врвно дело, затоа што на толку млади години, ја почнал во 1952, а ја завршил 1956, на неполни 40 години. Концептот за самата фреска се раѓал низ целиот негов живот, од детството поминато во едно револуционерно друштво во Прилеп, со професорот Велебит Рендиќ кој што ја анимирал целата младина во Прилеп, па сè до тие скици на охридските рибари, па циклусот за Мариово. Сите тие елементи, заедно со неговите студии во Париз, кај Андре Лот и кај Момежан, кај кои студирал техники на витражи, придонесуваат, односно ја раѓаат фреската во Старата железничка станица“, вели Абаџиева.

    Таа вели дека скиците во минатото биле во Музејот на современа уметност, па од семејството се подарени на Музејот на Град Скопје, под услов да се конзервираат. Сликани се со темпера, јаглен, со молив, но она што е моментална ситуација, е дека се дела кои не се во состојба за изложување.

    „Тие се во многу кревка состојба и засега не можат да се дислоцираат од Музејот на Град Скопје каде што се чуваат. Годинава Министерството за култура ѝдаде приоритет на заштитата на културното наследство. Има многу што да се заштитува од пропаѓање, но бидејќи буџетот за оваа година е веќе определен, апелирам до Управата за заштита на културното наследство секако сериозно да ја земе предвид конзервацијата на споменатите скици-картони за фреската. Мислам дека треба едно подбуцнување, потсетување на Министерството за култура дека е крајно време да спасиме нешто од тоа наследство од Борко Лазески, затоа што тој е една од најсветлите точки, една ликовна фигура која што во себе го содржи целиот постмодернизам“, ни рече Абаџиева, која е член на Советот во Министерството за култура.

    Директорката на НГМ Дита Старова- Ќерими со Соња Абаџиева и Маја Чанкуловска – Михајловска (Фото: М. Златевска)

    Чанкуловска – Михајловска пак додава: „Ова е наш долг да го заштитиме она што навистина го имаме. Потребно е многу работа не само за Борко Лазески, туку да ги зачуваме легатите кои остануваат зад нив“.

    Кураторката додава оти има многу работа во тој процес, потребно е многу вложување, процесот не е едноставен ниту така брз, меѓутоа мора да се реагира на извесен начин.

    „Со овие јубилејни и ретроспективни изложби, можеме да ја согледаме состојбата на она што е останато. И навистина состојбата е алармантна, затоа што не треба да се трошиме на периферни активности или нешто сосема ново, а да заборавиме на она што го имаме културно наследство, материјално и нематеријално“, вели Чанкуловска – Михајловска.

    „Подем“, витраж, 3 на 12 метри, поставена во Стопанска банка, Скопје (Фото: Национална галерија на Македонија)

    Таа и Абаџиева потенцираат дека депоата во речиси сите инстиуции се во незавидна положба, и апелираат дека е потребно вложување во самите згради каде се чува културното наследстсво и обезбедување на соодветни услови.

    „Многу музеи имаат проблеми со конзерваторска лабораторија“, вели Чанкуловска, а Абаџиева додава: „Имаме толку многу сликари, графичари, а немаме доволно конзерватори. Целиот товар се префрла на Националниот конзерваторски центар или на Градскиот конзерваторски центар“.

    На изложбата ќе бидат претставени шеесеттина дела од речиси сите творечки фази на авторот. На изложбата и во монографијата се презентирани дела што се сопственост на повеќе специјализирани институции од областа на музејската и на галериската дејност, државни институции и приватни лица.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари