СЕЌАВАЊАТА ЗА ПАРИЗ, БАГДАД И ПАРТИЗАНИТЕ ВО ЈУБИЛЕЈНАТА ИЗЛОЖБА ЗА БОРКО ЛАЗЕСКИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

    СЕЌАВАЊАТА ЗА ПАРИЗ, БАГДАД И ПАРТИЗАНИТЕ ВО ЈУБИЛЕЈНАТА ИЗЛОЖБА ЗА БОРКО ЛАЗЕСКИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)Принт од витражот „Изобилие“ од 1972 година, кој се наоѓа во Народната банка на Македонија (Фото:М.Златевска)

    Сеќавањата за Париз, жените во Багдад, партизанскиот живот- периодите од животот на големиот македонски муралист Борко Лазески (1917-1993 година) се претставени низ просториите на Даут пашиниот амам во Скопје, на изложбата која се отвори синоќа во чест на 100 годишнината од неговото раѓање.

    „Масовно литерирање“, јаглен на хартија, 1960 година (Фото: М.Златевска)

    Изложени се 60 дела, а кураторката на изложбата во организација на Националната галерија на Македонија, Маја Чанкуловска- Михајловска вели дека се опфатени сите периоди на неговото творештво, освен циклусите за Мариово и охридските рибари.

    „Багдад“, комбинирана техника на лесонит од 1964 година (Фото: M.Златевска)

    Издвоени се и мали дрворези кои ги работел во 1935-36 година, преку кои може да се види неговата социјална димензија, која подоцна ќе прерасне во многу ангажиран пристап во уметноста.

    Принт од еден од витражите за споменикот „Илинден“ во Крушево (Фото: М.Златевска)

    „Лазески се залагал за демократизација на уметноста, да биде достапна за сите, и токму затоа, целта на изложбата беше да ги споиме делата. Една сала е посветена на ’Фреската од НОБ’, една на неговата работа на витражот, делата кои ги има изведувано во јавни споменици. Делата кои се изложени, во најголем број се превземени од државните институции “, ни рече Чанкуловска- Михајловска.

    „Плетачка“, масло на картон од 1952 година (Фото: М.Златевска)

    „Делата кои Лазески ги насликал во Париз, каде ги совладувал техниките на витражот кај уметникот Момежан и фрескотехниките кај Андре Лот, уметници кои го воведувале во магијата на ликовната уметност, по неговото враќање во Македонија биле многу лошо примени. Дури се зборуваше дека е буржоаски уметник, дека е декадентен, остри беа судовите на критичарите. Тогаш Борко се повлече, и набрзо почна да ја работи ’Фреската на НОБ’, и му се врати желбата за сликање и творење“, ни рече историчарката на уметност Соња Абаџиева, врвен познавач на неговото творештво.

    Директорката на Националната галерија Дита Старова- Ќерими и холандскиот амбасадор Ваутер Пломп (Фото: M.Златевска)

    Како дел од проектот за чествување на Борко Лазески, Националната галерија на 28 февруари, во 12 часот ќе организира и предавање за неговото творештво.

    Изложбата ќе трае до 5 април.

    Министерот за култура Роберт Алаѓозовски и историчарката на уметност Соња Абаџиева (Фото: М.Златевска)

    Б.НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари