НАВИВАЧИТЕ НА ШАЛКЕ ВЕРНИ И ПО СМРТТА, ЗА 15 ЕВРА МЕСЕЧНО ЗАКУПУВААТ ГРОБ ДО СТАДИОНОТ НА ГЕРМАНСКИОТ КЛУБ

    НАВИВАЧИТЕ НА ШАЛКЕ ВЕРНИ И ПО СМРТТА, ЗА 15 ЕВРА МЕСЕЧНО ЗАКУПУВААТ ГРОБ ДО СТАДИОНОТ НА ГЕРМАНСКИОТ КЛУБШалке е првиот фудбалски клуб во Европа кој, во 2012 година, отвори специјални гробишта за своите најверни фанови. (Фото: Шалке)

    Навивачите на германскиот прволигаш Шалке на секој стадион ја истакнуваат верноста кон клубот пеејќи ги стиховите „син и бел за живот цел“, но тој е еден од ретките клубови кој им овозможува на своите навивачи да останат меѓусебно поврзани и откако ќе умрат.

    Германскиот фудбалски клуб во 2012 година отвори гробишта за своите најверни фанови, што се наоѓаат во близина на стадионот „Фелтинс арена“ во Гелзенкирхен.

    Гробно место може да се резервира за 1.000 евра

    „Можете да го почнете својот живот со Шалке, така што ќе бидете крстени во просториите на клубот, можете да се венчате на стадионот, а можете и да бидете погребани на клупските гробишта. Нашите гробишта се уникатен проект, што не се споредува со ништо во Европа“, вели одговорниот за односи со навивачите, Томас Киршнер.

    Гробното место може да се резервира за 1.000 евра, плус 100 евра годишно за одржување, а гробиштата се опремени со голови, клупи за резервни играчи и со сини и бели цвеќиња, кои се заштитни бои на клубот.

    Од клубот велат дека не им е цел да заработат од ова, па така неколку гробни места ќе бидат дадени бесплатно на фанови кои не се во можност да платат.

    Бројот на местата на гробиштата е ограничен на 1.904, за да алудира на годината на основањето на клубот

    „Шалке е мој живот и сакам да почивам меѓу фанови и пријатели, вечно имајќи поглед на стадионот. Што повеќе може да се посака?“, вели Ралф Ројек, потпретседателот на клупскиот фан клуб, кој си резервирал место на гробиштата.

    Голови и клупи за резервни играчи се декор на гробиштата

    Бројот на местата е симболично ограничен на 1.904, што е годината на основањето на клубот. Цената на закопувањето на клупските гробишта е околу 5.400 евра, во што е вклучено и 25-годишно одржување.

    На навивачите им е овозможено и да плаќаат на рати за гробното место. Износот на месечната рата е во зависност од возраста, кога се почнува да се плаќа. Ако почнете да плаќате како 25-годишник, месечната рата е 15,77 евра, за 40-годишник е 23,74 евра и за 70-годишник е 87,34 евра. Ваквото финансирање не ги покрива трошоците за резервација на гробот и за одржување на гробот.

    Во цената е вклучено: основен дизајн, избор на гробно место, грижа за гробиштата, гранитна плоча со димензии 40×35 см и гравирање и 25 години грижа за гробот.

    Бројот на местата е симболично ограничен на 1.904, што е годината на основањето на клубот.

    „За обичен човек, ова е лудило, но не и за мене. Јас навивам за клубот повеќе од 25 години и ова е само дополнителен начин да му искажам поддршка. Шалке е дел од културата на Гелзенкирхен и целиот град живее за него. Без Шалке, ништо не би имале“, вели еден навивач.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира