Во областа на Сиетл толку многу се консумираат опиоиди, што научниците за првпат откриле траги од овие дроги во школките во локалните води.
Школките земени од 18 локации имале позитивен тест на опиоидот „оксикодон“, објави универзитетот Вашингтон во Такома.
Тие биле контаминирани, бидејќи отпадните води од корисниците на опиоди се излеваат во заливот Паџет, објаснија научниците.
„Она што го јадеме и она што го исфрлуваме од организмот завршува во заливот Паџет. Ова ни кажува дека голем број луѓе во оваа област користат ‘оксикодон‘“, вели биологот Џенифер Ленксбури.
Школките ја филтрираат водата за да дојдат со хранливи состојки и имаат големо значење во одржувањето на водите. Досега во нив биле пронаоѓани траги од разни лекови и кокаин, но никогаш досега не биле тестирани позитивно на опиоиди. Сепак, тие дози не се опасни по човекот.