Работењето по 22 часот може да претставува ризик за менталното здравје, предупреди шпанската министерка за труд Јоланда Дијас, бранејќи се од критиките кои уследија по нејзините коментари дека шпанскиот обичај на работењето на рестораните до доцна во ноќта е лудило.
Дебатата за ноќниот живот во Шпанија и за долгото работно време на локалите повторно се обнови откако Дијас кажа дека шпанската ресторанска култура не е усогласена со остатокот на Европа.
„Земјата во која рестораните се отворени во еден час по полноќ не е разумна. Лудило е да се продолжува работното време до кој знае кога“, изјави Дијас.
Опозициската Народна партија и бизнис здруженијата брзо ѝ одговорија. Исабел Дијас Ајусо, регионалната претседателка на Мадрид, изјави дека владата сака на луѓето да им биде досадно и да седат дома.
„Шпанија го има најдобриот ноќен живот на светот, со улици полни со живот и слобода. Тоа исто така придонесува за вработеноста. Владата сака да бидеме пуританци, материјалисти, социјалисти, беа душа и без ресторани“, кажа Ајусо.
„Шпанија ноќе“, федерација која ги претставува групите за одмор и забава, вели дека шпанскиот ноќен живот е магнет за туристи и нема потреба да се менува.
Во срцето на спорот е долготрајната дискусија во земјата за исцрпувачкиот шпански работен ден, кој може да се протега и по 11 часа, при што многумина вечераат кога другите во Европа веќе одат на спиење.