Одбележувајќи ја десетгодишнината од своето присуство во Македонија, „Шпаркасе банка“ ја стартува првата акцелераторска програма за поддршка и реализација на стартап бизниси, насловена „Чекор по чекор“.
Наменета за млади претприемачи, односно компании помлади од 36 месеци, како и за нови бизнис идеи, таа треба да помогне во почнувањето на сопствен бизнис, за што преку Европскиот инвестициски фонд се обезбедени 1,5 милиони евра. Програмата нуди едукативна, финансиска и менторска поддршка.
Аплицирањето, што ќе се одвива преку сајтот sparkasse.mk, почнува денеска и ќе трае еден месец, а најголем износ што ќе може да се одобри е 25.000 евра.
„Ова е програма за кредитирање на нови, млади, динамични, иновативни мали бизниси и е во соработка со Европскиот инвестициски фонд, кој ги обезбеди средствата. Ова е проект кој не обезбедува само кредитна поддршка за малите претприемачи и стартап бизнисите, туку ова е партнерство кое започнува со едукација и изработка на бизнис планови, потоа нивна селекција и на крај, финансирање и реализација на бизнис идејата. Затоа, ова е еден вид акцелератор за стартап бизниси, за, како што самото име кажува, чекор по чекор да се обезбеди реализација од идеја до финализирање на проектот. Цел е младата популација која има здрави, добри и одржливи идеи, со цел да се зголеми нејзина вработеност“, изјави претседателот на Управниот одбор на „Шпаркасе банка“, Глигор Бишев.