ШВЕДСКИОТ ДАЛА КОЊ ПАТУВА НИЗ ЗЕМЈАВА И ГИ ПРОМОВИРА УБАВИНИТЕ И ВРЕДНОСТИТЕ НА ШВЕДСКА И МАКЕДОНИЈА

    ШВЕДСКИОТ ДАЛА КОЊ ПАТУВА НИЗ ЗЕМЈАВА И ГИ ПРОМОВИРА УБАВИНИТЕ И ВРЕДНОСТИТЕ НА ШВЕДСКА И МАКЕДОНИЈАДала коњот е еден од симболите на Шведска. Потекнува од регионот Даларна, родното место на амбасадорката Кристин Форсгрен Бенгтсон. Со акцијата „Патувањата на Дала коњот“ се преставуваат допирни точки помеѓу Шведска и земјава, а некои се врзани за вредностите за кои Шведска се зазема и на домашен и на меѓународен план. (Фото: Амбасада на Кралството Шведска)

    Шведскиот Дала коњ патува низ земјава со своето семејство, промовирајќи го концептот на породилно отсуство во кое обата родители користат платено отсуство за да бидат со своите деца. Станува збор за „Патувања на Дала коњот“, акцијата која Шведската амбасада во Скопје ја почна по националниот ден на Шведска 6 јуни, а која се однесува на истакнување на природните и културните богатства на Северна Македонија.

    Дала коњот е еден од симболите на Шведска. Потекнува од регионот Даларна, родното место на амбасадорката Кристин Форсгрен Бенгтсон. Даларна е регион во средишниот дел на Шведска со приближна големина колку и Северна Македонија.

    Од Амбасадата најавуваат дека во текот на летото ќе следат и други вредности и практики кои Дала коњот ќе ги истакне во текот на оваа своја авантура низ Северна Македонија. (Фото: Шведска амбасада )

    „Даларна изобилува со неверојатна природна убавина, исто како и Северна Македонија. Иако потекнува од Даларна и е симбол на овој регион, Дала коњот станува препознатлив симбол за Шведска. Дала коњот е статуетка која традиционално рачно се изработува од дрво и се бои. Најтипичен е црвениот Дала коњ, но, како што можете да видите во акцијата, го има и во повеќе бои, секоја карактеристична за различните села во Даларна“, ни рекоа од Амбасадата.

    Со акцијата се преставуваат и допирни точки помеѓу двете земји, а некои се врзани за вредностите за кои Шведска се зазема и на домашен и на меѓународен план.

    Идејата, како што велат од амбасадата, потекнува од овогодинешната тема на прославата на националниот ден – „Долгогодишно пријателство помеѓу двете земји“, а ја почнале со цел да ја промовираат земјава, имајќи предвид дека поради ковид-19 пандемијата патувањата летово надвор од земјата ќе бидат или невозможни или предизвик за многумина.

    Дала коњот патува низ земјава од 8 јуни и открива познати и непознати локации. Дополнително, додека патува Дала коњот, освен што ќе ја промовира државава, ќе споделува вредности и практики кои се карактеристични за Шведска.

    „Да се биде татко на породилно отсуство е сосема вообичаено“, велат од Шведската амбасада. (Фото: М. Л. Карлсон)

    Породилното отсуство во Шведска, или родителско отсуство, е платено отсуство во времетраење од 480 дена. При тоа, 90 дена односно 3 месеци се наменети исклучиво само за едниот од родителите. Тоа значи ако едниот родител не ги искористи, другиот родител нема право на нив. Останатите денови родителите можат да ги распределат меѓусебе. Преку оваа можност се цели да се поттикнат родовата еднаквост и споделената одговорност. Татковците имаат право на 10 дополнителни платени денови за отсуство кога ќе се роди детето.

    „Родовата еднаквост е очигледна во Шведска. Може да се види на улиците, каде и жените и мажите брзаат кон и од работа и одат на шопинг. Може да се видат многу детски колички што ги туркаат мажи, не само жени. И тоа се должи на тоа што во последните години сè повеќе татковци во Шведска ги користат овие поволности на платено татковско отсуство. Иако е пократко од она што го имаат мајките на располагање, речиси 90 проценти од татковците ја користат оваа можност. Она што е интересно е што во Шведска веќе се менува културата: додека во минатото мајките беа тие кои се дружеа меѓу себе заедно со своите деца, сега се повеќе татковци може да се видат како поминуваат време со своите деца во дружба со своите пријатели. Да се биде татко на породилно отсуство е сосема вообичаено“, велат од Шведската амбасада.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира