„Сингапур ерлајнс“ ќе мора да ѝ плати повеќе од 2.400 долари на индиска двојка за „ментална агонија“, зашто нивните седишта во бизнис класата не можеле да се навалат кога летале од Индија до Сингапур.
Седиштата на Анџали и Рави Гупта не функционирале и не можеле да се навалат, поради што тие останале будни за време на четири и пол часовниот лет од Хидерабад до Сингапур, објави „Индија тајмс“. Тие платиле по 800 долари за летот од Индија до Австралија, со застанување во Сингапур. Тоа е околу 775 долари поскапо од билетот за економската класа.
На нив прво им биле понудени по 10.000 поени за лојалност, што „Сингапур ерлајнс“ им ги дава на своите редовни муштерии, но тие го одбиле ова.
Комисијата за потрошувачи на Хидерабад пресуди во полза на семејството Гупта, на кои ќе им бидат вратени парите за картите и ќе им бидат исплатени уште 1.200 долари за ментална агонија и физичко страдање. „Сингапур ерлајнс“ објави дека ја прифаќа казната.