Сингапур-Куала Лумпур е најфреквентната меѓународна авионска маршрута на светот, покажа едно истражување.
За период од една година, до февруари 2018, меѓу овие два аеродроми имало 30.537 летови, објави „ОАГ авиејшн“.
На тој начин, од првото место на листата, на којашто доминираат азиски дестинации, беше симната линијата Хонг Конг-Тајван.
Летот меѓу Сингапур и престолнината на Малезија трае околу еден час и постојат планови двата града да се поврзат и со брза железница. Според овие бројки, дневно во просек има 84 летови меѓу овие два града, што ги спроведуваат неколку приватни и национални компании.
Надвор од Азија, најмногу летови во истиот период имало меѓу Њујорк и Торонто – 16.956.
Според бројот на патници, на првото место е летот од Хонг Конг до Тајван – 6,5 милиони, па следуваат Сингапур-Џакарта (4,7) и Сингапур-Куала Лумпур (четири).
Најмногу летови на дневна база има меѓу Сеул и популарниот туристички остров Џеџу – околу 180.