„СИНТЕЗИС“ МУ ОТПЕАЈА РОДЕНДЕНСКА ПЕСНА НА „ОХРИДСКО ЛЕТО“

    „СИНТЕЗИС“ МУ ОТПЕАЈА РОДЕНДЕНСКА ПЕСНА НА „ОХРИДСКО ЛЕТО“Пред да биде пресечена роденденската торта, „Синтезис“ ја отпеаја песната „Среќен роденден“ и посакаа уште многу успешни фестивалски изданија на „Охридско лето“. (Фото: СДК.МК)

    Фестивалот „Охридско лето“денес одбележува 58 години постоење, а по тој повод дел од членовите на „Синтезис“, пред да биде пресечена роденденската торта, ја отпеаја песната „Среќен роденден“ и посакаа уште многу успешни фестивалски изданија.

    Пред да се пресече роденденската торта, директорката на фестивалот „Охридско лето“ Сузана Вренцовска на прес-конференција, потсети на почетоците на фестивалот и изрази огромна благодарност кон неговите основоположници.

    „На овој ден со огромна благодарност ја славиме незаборавната оперска дива Ана Липша Тофовиќ која му дари многу љубов но и вечност на сега најголемата манифестација кај нас. Горди сме што ја имаме привилегијата да го продолжиме патот на високите критериуми и богатата традиција. Приказната на успешна културна магија која не згаснува до ден денес не може да се гради и надградува ако ја нема огромната поддршка од Владата на Република Македонија преку ресорното Министерство за култура, општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком како и нашите помагатели, спонзори, пријатели кои несебично го помагаат развојот и унапредувањето на културата во државава. Благодарност и до сите оние кои неуморно работеле, до сите уметници кои со својот настап го воздигнале Фестивалот и ни ја дадоа честа да славиме успешни 58 години“, рече директорката Вренцовска.

    Според неа, првата половина од ова фестивалско издание донесе врвни концерти и театарски претстави за кои се бараше карта повеќе, и како што додаде, тоа е доказ дека годинешната програма ги оправда очекувањата на љубителите на театарската и драмската уметност.

    Одбележувањето на 58. роденден на „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на познатата етно група во Македонија, „Синтезис“ што ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира