Сириска брачна двојка во Германија му даде име на новото бебе Ангела Меркел во знак на благодарност до германската канцеларка.
Ќерката се вика Ангела Меркел Мухамед. Нејзините родители Асја Фарај и Халид Мухамед пристигнале во Германија во шпицот на бегалската криза во 2015 и таму останале благодарејќи на политиката на отворени врати што ја спроведуваше германската канцеларка Меркел.
Малата Ангела Меркел Мухамед е петто дете на сириската бегалска двојка. Портпаролката на болницата во Минстер, северозападна Германија, каде што се роди Ангела, за локалните медиуми изјавила дека со давањето на двете имиња Ангела и Меркел, двојката сакала да се заблагодари на канцеларката.
Не е прв пат бегалска фамилија да му дава име на новородено дете во Германија во знак на благодарност до Меркел.