Мистериозно писмо, наводно напишано од еден од тројцата бегалци од озлогласениот затвор Алкатраз, беше објавено, пет години откако ѝ било пратено на полицијата на Сан Франциско.
Писмото е потпишано од лице кое тврди дека е Џон Енглин, кој во 1962 година успеа да избега од островот заедно со брат му Кларенс и со Френк Морис. До денешен ден, тие остануваат на листата најбарани луѓе во САД.
„Мое име е Џон Енглин. Избегав од Алкатраз во јуни 1962 година. Да, сите преживеавме, ама едвај“, стои во писмото.
Во него се тврди дека сите тројца бегалци доживеале старост, при што Морис умрел во 2005, а Кларенс Енглин во 2008 година.
„Ако објавите на телевизија дека ќе ми биде ветено дека нема одам во затвор на повеќе од една година и дека ќе добијам лекарска помош, ќе пратам уште едно писмо, во коешто ќе откријам каде се наоѓам. Имам 83 години и во лоша состојба сум. Имам рак“.
Според писмото, Џон Енглин го поминал најголемиот дел од животот во Сиетл, а последно живеел во јужна Калифорнија.
Службата на американски шерифи, која е задолжена за случајот од 1978 година, го предала писмото на ФБИ за форензичка анализа на ракописот.
„Го споредивме писмото со ракописот на тројцата бегалци и резултатите се нејасни“, се вели во соопштението на Службата.