„Трансформифај“ (Transformify Inc.), aмериканската стартап компанија со седиште во Скопје, лансираше иновативна платформа за автоматизација и интеграција која со помош на вештачката интелигенција (АИ) ги автоматизира секојдневните задачи и ги претвора зборовите во конкретни акции (text-to-actions).
Платформата е наречена „Трансформифај аутомејт – Вашиот АИ копилот за автоматизација (Transformify Automate – Your AI Copilot For Automation) и во нејзиното креирање, компанијата се водела од фактот дека ЧетГТП и вештачката интелигенција воопшто целосно ги менуваат светот и начинот на кој ги извршуваме секојдневните задачи.
„Дигиталната трансформација се однесува на луѓето, културата, технологијата и процесите. Ние ја обезбедуваме АИ технологијата. Толку е едноставно“, вели Ратко Пројковски, основач и извршен директор на „Трансформифај“.
Оттаму додаваат дека платформата ги демократизира автоматизацијата на процесите и интеграцијата, со што ја доближува напредната технологија до секој корисник, без оглед на неговото техничко или деловно искуство. Со едноставен и разговорен јазик, корисникот треба да го опише крајниот резултат и копилотот автоматски ќе го креира, визуелизира и изврши процесот. Исто така, платформата опфаќа и сложени сценарија, карактеристични за бизнис секторот.
„Трансформифај“ веќе има воспоставено стратешко партнерство со компаниите „Мајкрософт“ и „ОпенАИ“ како лидери во областа на вештачката интелигенција.