Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт стана најбогата музичарка во историјата, со богатство од 2 милијарди американски долари, што претставува зголемување од 100 отсто во споредба со 2024 , објави магазинот „Форбс“. Триесет и шестгодишната пејачка стана милијардерка во 2024, благодарение на светската турнеја „Ерас“.
Според „Форбс“, Свифт е една од комерцијално најуспешните авторки на песни на сите времиња.
Во 2020, Свифт ја промени музичката индустрија кога повторно ги сними поголемиот дел од своите албуми. Како резултат на тоа, авторските надоместоци почнаа да завршуваат директно кај неа.
„Форбс“, исто така, соопшти дека нејзината турнеја станала концертна турнеја со најголема заработка во историјата, со приходи од 2,2 милијарди долари. Со тие средства, таа ги откупила своите оригинални снимки.
На почетокот од својата кариера, Свифт потпиша договор со дискографската куќа „Биг машин рекордс“ и таму ги сними своите први шест албуми. Како што е пракса, правата им припаѓаат на издавачите, кои во 2019 година ги продале за повеќе од 300 милиони долари на холдинг-компанија на поранешниот музички менаџер Скутер Браун. Свифт изјави дека тоа се случило без консултација со неа и без нејзино одобрување.
Потоа следуваше повеќегодишен јавен спор, на кој Свифт често се осврнуваше и во своите песни. Во 2020, Браун повторно ги продаде правата, овој пат на инвестициска фирма од Лос Анџелес, од која Свифт ги откупи. Во 2025 Свифт објави дека ги купила правата на своите први шест албуми.
Рангирањата на милијардерите на „Форбс“ главно се базираат на јавно достапни информации за средства како акции, недвижности, уметнички дела. Овие проценки се сметаат за приближни и понекогаш се оспоруваат.



