СО МАКЕДОНСКИ ФОЛКЛОР НАСТАПИЛЕ ПРЕД ПРИНЦОТ ЧАРЛС, ЖАК ШИРАК, КРАЛОТ НА ЈОРДАН, БИТОЛСКОТО ДРУШТВО „ИЛИНДЕН“ СЛАВИ 65 ГОДИНИ

    СО МАКЕДОНСКИ ФОЛКЛОР НАСТАПИЛЕ ПРЕД ПРИНЦОТ ЧАРЛС, ЖАК ШИРАК, КРАЛОТ НА ЈОРДАН, БИТОЛСКОТО ДРУШТВО „ИЛИНДЕН“ СЛАВИ 65 ГОДИНИВо долгата и богата традиција, КУД „Илинден“ е учесник на 150 меѓународни фолклорни фестивали, добитник на бројни награди на најзначајните фолклорни манифестации низ цел свет; - Настап на КУД „Илинден“ на збратимувањето на Битола со Епинал од Франција. (Фото: КУД „Илинден“)

    Лично британскиот принц Чарлс им честитал за изведбата на членовите од Културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Битола, кога настапувајќи со македонски фолклор освоиле второ место за изворен оркестар и четврто место за традиционални игри на еден од најголемите музички фестивали во светот во Ланголен, Велика Британија, во конкуренција од 50 држави. Тоа било пред 24 години и e само еден од успесите на овој фолклорен ансамбл, еден од водечките во земјава, кој неделава прославува 65 години негувајќи ги изворните македонски песни и игри.

    Во долгата и богата традиција, КУД „Илинден“ е учесник на 150 меѓународни фолклорни фестивали, добитник на бројни награди на најзначајните фолклорни манифестации низ цел свет, во 2008  настапувале и пред францускиот претседател Жак Ширак, а во 2013 во Кралството Јордан.

    Никола Димитровски од КУД „Илинден“ со поранешниот француски претседател Жак Ширак. (Фото: КУД „Илинден“)

    „Илинден“ е ансамблот од кој произлегле бардовите на македонската народна песна Јонче Христовски и Виолета Томовска. Друштвото е еден од основачите на Сојузот на фолклорни ансамбли во земјава и редовен член од 1994. Реализирале над 200 самостојни концерти низ целата држава. Со години го отвора најстариот и најзначаен фолклорен фестивал во Македонија, „Илинденски денови“ со изведбата на орото „Комитското”. Избран е за претставник на нашата држава на најзначајниот фоклорен настан „Фолклоријада“ во Уфа, Русија, каде учествуваат 80 држави од светот. „Илинден“ денес брои над 300 членови распоредени во детски, младински групи, оркестар, пејачка секција и главен фолклорен ансамбл.

    Принцот Чарлс им честитал за изведбата на членовите од Културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Битола во Ланголен, Велика Британија. (Фото: КУД „Илинден“)

    „Традицијата е душата на една држава и еден народ, ние сме горди што сме едни од чуварите на нашата навистина богата фолклорна традиција. Традиција која зборува за минатото, но преку сегашноста, го осветлува патот кон нашата иднина. Идните генерации за да ја зачуваат традицијата и да ја негуваат културата, треба да ја запознаат, а токму фолклорните ансамбли се тие институции каде традицијата и културата се негуваат“, вели Антонијо Димитровски, претседател на Друштвото.

    Поради здравствената криза предизвикана од ковид- 19, одбележувањето на овој значаен јубилеј е во прилагодена форма, согласно соодветните протоколи. Јубилејната програма ќе се состои од ревија на народни носии и концерт на традиционална музика и игра. Двата настани ќе бидат од полуотворен тип, ревијата во Магаза и концертот во амфитеатарот на Тумбе кафе

    „Традицијата е душата на една држава и еден народ, ние сме горди што сме едни од чуварите на нашата навистина богата фолклорна традиција“, вели Димитровски; – Фотографија од почетоците на Друштвото. (Фото: КУД „Илинден“)

    „Оваа јубилејна програма ја посветуваме на основачите на КУД ‘Илинден’ кои ја започнаа оваа светла приказна пред 65 годииа, на нашата драга публика, до која ќе ја доближиме и преку видео и фото документацијата од настаните, како и на сите поранешни и актуелни членови на нашиот ансамбл, драги соработници, помагатели и поддржувачи“, вели Димитровски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира