СО МОИТЕ ИЗРАБОТКИ ГО ПРОМОВИРАМ ОХРИД НИЗ СВЕТОТ, ВЕЛИ ДАНЧЕ НАУМОСКА, ЕДИНСТВЕНАТА БАКАРЏИЈКА ВО ГРАДОТ

    СО МОИТЕ ИЗРАБОТКИ ГО ПРОМОВИРАМ ОХРИД НИЗ СВЕТОТ, ВЕЛИ ДАНЧЕ НАУМОСКА, ЕДИНСТВЕНАТА БАКАРЏИЈКА ВО ГРАДОТНаумоска го наследила занаетот од татко ѝ, во чија работилница постојано била како дете. (Фото: СДК.МК)

    Данче Наумоска е единствената бакарџијка во Охрид. Занаетот, кој е типично машки, го наследила од татко ѝ, познат казанџија во охридската чаршија. Денес, тој е нејзина поддршка и често знае да помага кога има потреба да се соединат неговото искуство и креативноста на Данче.

    Во нејзиниот дуќан можат да се видат врвни уметнички дела изработени од бакар, како и реплики на златната маска од Требеништа, која е најпривлечна за туристите.

    „Вредноста на старите предмети ја препознаваат главно странските гости“, вели Наумоска. (Фото: СДК.МК)

    Сакам да ја претставам нашата традиционална култура и да ја пренесам. Златните маски ги изработувам од бакар со позлата. Генерално, главен материјал за обработка ми е бакарот, со разни техники и хемикалии за посребрување, потемнување и позлата. Го цртам и добивам нешто уникатно, што има трајни вредности за идни генерации“, вели Данче.

    Додава дека за разлика од минатото, кога се изработувале казани и садови, денес повеќе се барале украсни предмети со охридски мотиви, со што пред туристите се презентира богатото културно наследство на градот.

    Уште како дете Данче постојано била во работилницита на нејзиниот татко, што за многумина било чудно, но за неа значело љубов кон занаетчиството и определба за идна професија.

    Наумоска изработува и реплики на златната маска од Требеништа. (Фото: СДК.МК)

    Многу често знаев да му помогнам на татко ми, да му задржам, бев како калфа. Кога дојде време да станам семеен човек, некако се разбуди љубовта. Сакав нешто да си обновам, да си направам за дома и така почнав со изработка на моите први предмети. Веќе 22 години го работам ова ефективно“, вели таа.

    Занаетите во минатото биле типично машки професии, биле ценети и од нив добро се заработувало. Денес нема интерес кај младите и голем дел од нив се во изумирање, оти нема кој да ги наследи.

    Јас наследив и мојот син има афинитети да работи. Треба љубов и посветеност за да се работи нешто креативно“, вели Наумоска.

    Старата чаршија во минатото беше симбол на занаетчиството во Охрид, а сега едвај може да се види занаетчиски дуќан.

    Вредноста на старите предмети ја препознаваат главно странските гости, но тешко се живее, оти туристи има само преку лето“, вели Данче.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира