СО ПЕСНА ГО ПРОСЛАВИВМЕ 89. РОДЕНДЕН НА ОПЕРСКАТА ПРИМАДОНА МИЛКА ЕФТИМОВА ВО ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА, ВЕЛИ ВЕСНА ЃИНОВСКА-ИЛКОВА

    СО ПЕСНА ГО ПРОСЛАВИВМЕ 89. РОДЕНДЕН НА ОПЕРСКАТА ПРИМАДОНА МИЛКА ЕФТИМОВА ВО ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА, ВЕЛИ ВЕСНА ЃИНОВСКА-ИЛКОВАВесна Ѓиновска-Илкова редовно ја посетува својата професорка Милка Ефтимова во домот за стари лица каде што престојува. (Фото: Фејсбук)

    Оперската првенка Весна Ѓиновска-Илкова заедно со уште неколку пријатели организираше забава за 89.роденден на оперската примадона Милка Ефтимова, во Домот за стари лица во скопската населба Кисела Вода каде што таа претстојува. Ѓиновска-Илкова вели дека ова бил многу емотивен ден за сите станари во Домот. Истиот ден, таа требала да го носи сина си на факултет во Солун, но го откажала патувањето, за да го помине денот со нејзината професорка Ефтимова.

    „Доктор Благица Костадинова и внукот на Милка, Борче, се погрижија сè да организираат во Домот. А таа радосна, среќна, исполнета и насмеана ги почести сите штитеници со својот документарец и нејзиниот глас. Некои емотивно плачеа, некои се сеќаваа дека ја гледале на сцената. Дотерана како и секогаш, седеше и уживаше во прославата. Дуваше свеќи, се напивме кафе и јадевме торта. Милка е жена која ја има контролата врз својот живот. И во староста е со бистар ум“, ни рече Ѓиновска-Илкова.

    Како дел од подароците, таа ја добила книгата за деца и млади „Се викам храброст“, која содржи 50 инспиративни приказни од животот на македонските хероини. Во неа, музичкиот публицист, професорот д-р Александар Трајковски кој е близок пријател на Ефтимова, ја опишува како „жена храброст“. И Трајковски бил дел од гостите на прославата во Домот.

    Ефтимова со Весна Ѓиновска-Илкова и со музичкиот публицист Александар Трајковски на прославата (Фото: Фејсбук)

    „Нејзината ученичка Марија направи слики и видеа, да имаме спомен од роденденот. Уметникот Живко Цветин подари цвеќиња на мирот цртани на лице место, јас ѝ ја отпеав роденденската песна. Тука беше и нејзината долгогодишна пријателка Цеце, со која доаѓаа заедно на претстави. Ние две и Божиќ го прославивме заедно. За нејзиниот роденден требаше да го носам син ми на факултет, но не отидов, дојдов кај Милка“, ни рече оперската дива.

    Ефтимова, која настапувала во над 20 земји, емотивно ја доживеа изложбата на нејзините лични предмети кои ги донираше на Музејот на македонската борба во Скопје, која се одржа во декември во 2023.

    „Ви благодарам на сите што дојдовте. Добро е, издржав, инаку срцето ќе ми пукнеше од среќа“, кажа Ефтимова по настапот на оперските пејачи во нејзина чест на изложбата, а за време на настапите на нејзините помлади колеги ги потпевнуваше ариите кои ги пеела на домашната и на светските оперски сцени.

    Ефтимова е родена во Радовиш во 1936 година. Завршила средно музичко училиште во Штип, музичка академија во Љубљана, и предавала на Факултеот за музичка уметност и во средното музичко училиште во Скопје. Во 1961 година за првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со улогата на Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава. Во 2022 претседателот Стево Пендаровски ѝ додели Орден за заслуги на Република Северна Македонија.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира