Од 12 октомври 2018, сите земји членки на Европската Унија, земјите од ЕЕА (Исланд, Лихтенштајн и Норвешка), како и Србија, Турција и Македонија треба да користат нов, заеднички сет ознаки за горива на сите новопроизведени возила и бензински станици на кои се продаваат бензин, дизел, водород, компресиран природен гас, течен природен гас или течен нафтен гас.
Целта на овие ознаки е јасно и стандардизирано информирање за компатибилноста на горивата што се продаваат на бензинските станици.
„Сѐ поголемата понуда на горива на пазарот и различните ознаки на нив можат да доведат до збунување на корисниците, особено на оние кои патуваат низ повеќе земји“, се вели во Директивата 2014/94/EU, што ја усвои Европската комисија.
Новите етикети се поделени во три групи и секоја има различна форма заради полесно препознавање:
Бензински горива – круг со Е5, Е10 и Е со специфичната био-компонента (етанол) содржана во бензинот;
Дизел горива – квадрат со Б7, Б10, Б со специфичната био-дизел компонента што треба да биде содржана во дизел горивата и ХТЛ за синтетички дизел и значи дека не е добиен од сурова нафта;
Гасовидни горива – дијамант со ЦНГ, ЛНГ, ЛПГ и водород.
Со директива од 2019 година се предвидува и стандардизирана ознака за полначи на електрични возила – бел или црн шестаголник со буквата Ц.
„Макпетрол“ веќе го применува овој заеднички и хармонизиран сет на ознаки за горивата на своите бензински станици.