СТАНАВ ЛИК ОД КНИГИТЕ НА ДЕДО ПЕТРЕ ДОДЕКА ЖИВЕЕВ ВО СЛОЕШТИЦА И ГИ ЦРТАВ НЕГОВИТЕ КНИГИ, ВЕЛИ УМЕТНИЦАТА ВОСКРЕСИЈА АНДРЕЕВСКА

    СТАНАВ ЛИК ОД КНИГИТЕ НА ДЕДО ПЕТРЕ ДОДЕКА ЖИВЕЕВ ВО СЛОЕШТИЦА И ГИ ЦРТАВ НЕГОВИТЕ КНИГИ, ВЕЛИ УМЕТНИЦАТА ВОСКРЕСИЈА АНДРЕЕВСКАВо издание на „Арс Либрис“ излезе едицијата „Македонски книжевни класици“ со 10 книги со прозни и поетски дела нејзиниот дедо, а чии корици се илустрирани од Воскресија Андреевска, внука на бардот на македонската книжевност Петре М. Андреевски. (Фото: Приватна архива)

    Уметницата и графичка дизајнерка Воскресија Андреевска е ќерка на реномираниот македонски сликар Сергеј Андреевски, и внука на великаните на македонската книжевност Петре М. Андреевски и Светлана Христова-Јоциќ. Неодамна во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, излезе едицијата „Македонски книжевни класици“ со 10 книги со прозни и поетски дела на дедо ѝ, а чии корици се илустрирани од Воскресија.

    Уметницата во разговор со САКАМДАКАЖАМ.МК говори за Слоештица, Демирхисарско, магичното родно дело на Петре, за детството таму поминато, за инспирацијата, како и за омилените дела.

    За жал, вели таа, нема многу сеќавања од детството со дедо ѝ, со баба ѝ си живееле врата до врата и за неа памети скоро сѐ. Она што ѝ останало како меморија од дедо ѝ, се само мали сегменти што ѝ доаѓаат на мисла, како што е на пример неговата соба во куќата во Слоештица, работната маса стежната од книги и ракописи, тој со цигарата и очилата покрупни од неговата глава, малку смеа и разговори.

    „Повеќе растевме со мојот прадедо Мито, татко на Петре, човек полн приказни, излезен од платното на некој вестерн филм, денес повеќе не постојат такви луѓе. Детството во Слоештица ми беше, што би рекле слојчани – убајна. Растевме трчајќи со скакулците по нивјето кога растеа и билките. Во лето се ладевме плискајќи се на Бела Река во ‘германскиот’ вир (за време на војната, Германците направиле проширување на речното корито со динамит за да можат да го користат местото за бањање), грицкавме сончоглед пред кооперација со селаните од сите генерации и понекогаш крадевме марули и кочани од бавчите. Во зима, скијавме на горени мазни штици и скокавме врз снегот од метро и пол. Ги меревме планините и чекавме да се сретнеме со волците и мечките. Ќе западнеш во неволја, ќе се исечеш, ќе паднеш и ќе заплачеш но, и тие доживувања мамат насмевка и ги бришам од списокот на незгоди“, ни рече Воскресија.

    Воскресија (десно) со брат ѝ Меглен (лево) заедно со братучедите, фотографирани пред плевната во дворот од куќата на Велика, родната куќа на Петре М. Андреевски. Хероината од неговиот најпознат роман, Велика од „Пиреј“, била тетка на мајка му Менка. (Фото: Приватна ахрива)

    Соработката за книгите била покрената од издавачката куќа „Арс ламина“, а тоа за неа било многу возбудливо и интересно. Ги препрочитувала сите дела со многу внимание и посветеност и издвојувала многу мисли, пишувала забелешки коишто ѝ помогнале околку илустрирањето. Во зависност од делото, имало илустрации на кои работела и по еден месец, имало и дела кои ѝ одзеле помалку време.

    На прашањето како било да се работи на илустрациите, да се живее со ликовите на Петре во неговиот свет, таа вели:

    „Татко ми и мајка ми, уште од мали, често нѐ носеа мене и мојот брат Меглен на село за и ние да го доживееме светот на Петре. А првиот вовед во тој свет ни беше дедо Мито (таткото на Петре). Би рекла дека да живееш во Слоештица и слојчани, а истовремено да ги читаш книгите на Петре е како да си и самиот лик од неговиот свет, во тоа време, оти, се чини дека времето во Слоештица застанало некаде во неговите дела. Ние како фамилија секогаш први се консултираме и разговараме меѓусебно за тоа што го работиме. Татко ми го користи секое слободно време за да побегне во тој рај. Отсекогаш ни раскажувал приказни од тие краишта, но особено сега, кога се најдовме и двајцата на тоа место и во исто време, зборувавме за Петре и многу појасни ми станаа неговите идеи и инспирации за книгите. Тоа ми помогна подобро и потемелно да ги разберам“.

    „Изминативе години го градев својот ракопис на сликање, посетував резиденции, учествував во интересни проекти. Се надевам дека сето ова ‘ќе се помножи’ во иднина и се надевам на меѓународни изложби“, вели Андреевска. (Фото: Приватна архива)

    За сите книги ѝ било важно илустрациите да бидат спој на две времиња, ова денес и тоа тогаш, за да ја привлечат помладата и повозрасната публика, и да го потенцираат виножитото што го носи селскиот живот бидејќи, за жал, вели таа, кај нас сѐ уште се потценува животот на село. Воскресија вели дека е љубител на минимализмот но, невозможно е и жално би било да го дефинираш Петре со една линија. Затоа, целела кон чист, а истовремено детален дизајн, да има тежина, но да е лесен и впечатлив за окото. Самите дела биле двигател за оформување на илустрациите на листовите хартија. Не може да издвои едно омилено дело, но посебни ѝ се „Последните селани“, расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“. Им се восхитува на„Лакримариј“ и „Вечна куќа“ и вели дека и може бесконечно да ги препрочитува, а „Шарам барам“ ја препорачуваа за сите деца, па дури и за „оние што сѐ уште го носат детето во себе“.

    Воскресија средното образование го завршила во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“.

    „Таму ми беше забавно и за првпат се најдов меѓу индивидуи кои ми помогнаа полесно да се разберам себеси. Имав привилегија, сликарство да ми предава Жарко Јакимовски. За студиите на Факултетот за ликовни уметности воопшто немам позитивно мислење, ретко бевме посетувани од стручните професори и ретко се случуваше некој да сака повеќе да разговара за твојата уметност и за она што го носиш во себе. Студентските денови ги правеа убави колегите и дружбите по факултетските дворови. За среќа, портата на нашиот дом отсекогаш беше отворена за уметници-пријатели од целиот свет од кои учев сиве овие години. Тие луѓе, уметноста, и моите родители влијаеа на мојот развој како уметник и помогнаа да ја изградам личноста која сум денес. Изминативе години го градев својот ракопис на сликање, посетував резиденции, учествував во интересни проекти. Се надевам дека сето ова ‘ќе се помножи’ во иднина и се надевам на меѓународни изложби. Би сакала нашава татковина да отвори повеќе можности за нејзиното изобилство од креативци затворени по дома, затишени и анксиозни поради тоа што не им е дадена можност да се изразат“, вели уметницата.

    За сите книги ѝ било важно илустрациите да бидат спој на две времиња, ова денес и тоа тогаш, за да ја привлечат помладата и повозрасната публика. (Фото: „Арс ламина“)

    Книгите ги им во книжарниците „Литература.мк“ и на нивниот сајт. Во продажба се првите две изданија од едицијата: романот „Тунел“ и расказите „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“ како едно издание, а ќе следуваат незавршениот и последен роман на Андреевски „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ и „Лакримариј“. Во следниот период, ќе бидат промовирани и книгите „Последните селани“, „Скакулци“, „И на небо и на земја“, „Дални наковални“ и „Вечна куќа: тажаленки“. Во посебна едиција ќе биде објавена книгата за деца „Шарам барам“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира