СТАРИТЕ ОХРИЃАНИ ГО НАРЕКЛЕ АНТИЧКИ ТЕАТАР ПОДЗЕМЕН ПАРИЗ ОТИ ВО ТУНЕЛИТЕ ПОД НЕГО БАРАЛЕ ЗЛАТО

    СТАРИТЕ ОХРИЃАНИ ГО НАРЕКЛЕ АНТИЧКИ ТЕАТАР ПОДЗЕМЕН ПАРИЗ ОТИ ВО ТУНЕЛИТЕ ПОД НЕГО БАРАЛЕ ЗЛАТОНикакви богатства не се пронајдени под Античкиот театар (Фото: СДК.МК)

    Античкиот театар старите охриѓани го викале подземен Париз, бидејќи во тунелите што ги копале под него барале злато. Во 1930-ите меѓу нив се пренесувала приказна дека под театарот има големи количества злато, па многумина варошани почнале потрага.

    „Ние за ова разбравме сосема случајно, кога го истружувавме Античкиот театар. На еден камен беше вдлабена годината 1932. Тогаш се заинтересиравме што значи тоа и откривме дека тоа е годината кога биле копани тунели под театарот. Под него најдовме многу тунели”, вели археологот Паско Кузман.

    Археолозите велат дека копачите тој простор го нарекле подземен Париз како синоним за богатство и моќ, а некои, пак, мислеле дека од најденото злато ќе можат да обезбедат пари да го посетат „градот на светлината“.

    „Трагачите по злато, се разбира, не нашле ништо. Никакво богатство. Подоцна тие, а и ние, на шега велевме дека злато биле камените блокови кои биле покриени со земја на денешниот простор кај Античкиот театар. И навистина, под театарот има бројни тунели кои водат во неговата внатрешност. Злато никој не пронашол”, кажува Кузман.

    Првите податоци за постоењето на овој театар во литературата се јавуваат кон крајот на 19. и во почетокот на 20. век. Сондажните ископувања од 1960 до 1962 година од археологот Васил Лахтов помогнаа да се одредат локацијата и големината на театарот. Целиот Антички театар со просторот на сцената е откриен во 2005 година пред одржувањето на 45. меѓународна манифестација „Охридско лето”.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира