СТЕПАН БАНДЕРА – ЗА ЕДНИ ХЕРОЈ НА УКРАИНА, ЗА ДРУГИ СОЈУЗНИК НА НАЦИСТИТЕ

    СТЕПАН БАНДЕРА – ЗА ЕДНИ ХЕРОЈ НА УКРАИНА, ЗА ДРУГИ СОЈУЗНИК НА НАЦИСТИТЕБандера е најпознатиот украински националист и контроверзна личност од современата украинска историја (Фото: ДПА)

    Нашиот татко е Бандера, Украина ни е мајка!“, пее млада девојка во маскирна униформа во видео снимено во подземните тунели на челичарницата „Азовстал“, што во почетокот на мај го споделија бранителите на Мариупол на социјалните мрежи.

    Степан Бандера е веројатно најпознатиот украински националист и контроверзна личност од современата украинска историја. За дел од Украинците, тој е херој и пример, а за руската пропаганда – непријател и соработник на нацистите. И Владимир Путин во својот говор на 9 мај ја правдаше војната во Украина со неизбежниот судир со „неонацистите и бандеристите“.

    Животот на Бандера е тесно поврзан со западна Украина, каде што е роден во 1909 година. Како студент ѝ се придружил на Организацијата на украинските националисти (ОУН), која се борела за независност на Украина. По расколот во организацијата, Бандера дошол на чело на порадикалното крило ОУН-Б, чии членови со два баталјона ѝ се придружиле на германската армија пред инвазијата на Советски Сојуз.

    Некои експерти сметаат дека славењето на Бандера му штети на имиџот на Украина (Фото: ДПА)

    Бандера бил уапсен во 1941 откако неговите соборци прогласиле независна украинска држава во окупираниот Лавов, што Хитлер не го одобрувал. Најголем дел од војната, до 1944, поминал во концентрациониот логор Захзенхаузен. ОУН-Б и нејзиното воено крило за тоа време ја продолжиле борбата за независност, војувајќи и со нацистите и со Советите.

    По војната, Бандера живеел во Минхен, каде што бил отруен од КГБ во 1959, што го направило уште поголема икона за украинските имигранти и во западниот дел на Украина.

    Кога во 2005 стана претседател, Виктор Јушченко го прогласи за херој на Украина, што беше поништено од неговиот наследник Виктор Јанукович. Приврзаниците на Бандера секоја година за неговиот роденден маршираат со факели низ Киев.

    Едно истражување од 2021 покажа дека само една третина од Украинците позитивно гледа на делото на Бандера, што во април годинава порасна на дури 74%.

    Многумина со радост истакнуваат дека Бандера бил радикален борец за независност, но се игнорира фактот дека неговото движење ОУН соработувало со Третиот Рајх и во почетокот и на крајот на Втората светска војна. Не би рекол дека тој бил нацист, туку ултранационалист. Славењето на Бандера му штети на имиџот на Украина и ги оптоварува нејзините односи со Полска и Израел“, вели Андреас Умланд од Центарот за источноевропски студии во Стокхолм.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира