Англиската рок легенда Стинг попладнево ќе пристигне на Скопскиот аеродром со специјален лет од Будимпешта. Доаѓа со сопствена продукција, свој готвач и свој кетеринг сервис. Концертот во „Борис Трајковски“ е закажан во 20 часот.
Светски познатиот музичар нема да одржи прес – конференција, туку по пристигнувањето во Скопје, ќе биде сместен на непозната локација која се чува во тајност. Од таму директно ќе замине за концертот во салата „Борис Трајковски“.
Неговиот бенд вчера пристигнал во Скопје, а техничката екипа веќе е во салата, за тонските проби и местење на светла.
Со оглед на тоа дека си носи свој готвач и продуценти, Стинг немал никакви посебни барања, ниту пак рајдер листа, на пример, што да има околу него во гардеробата.
Концертот на Стинг во Скопје, еден од најзначајните современи музичари во светот, е дел од светската турнеја за неговиот последен албум „57-ма & 9-та“.
Стинг ќе настапи со своите долгогодишни соработници, гитаристите Доминик Милер и Руфус Милер, тапанарот Џош Фрис, а специјален гостин ќе биде неговиот син Џо Самнер.
„Авалон продукција“ која го организира концертот соопшти дека вратите за фан пит секцијата се отвораат во 18.30 часот, а концертот почнува во 20 часот.
Концертот беше распродаден за само 10 часа уште на 2 јуни, првиот ден кога билетите беа пуштени во продажба.
Б. НЕСТОРОВСКА