СТУДЕНТИ ВОЛОНТЕРИ ВАДАТ ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ ОД СЕНА ВО ПАРИЗ

    СТУДЕНТИ ВОЛОНТЕРИ ВАДАТ ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ ОД СЕНА ВО ПАРИЗЗа време на една акција во јуни, биле извадени 58 електрични тротинети, 11 велосипеди, шест огради и два електрични моторцикли. (Фото: ДПА)

    Кејовите на Сена во Париз станаа еден вид гробишта за неупотребливи електрични тротинети и изнајмени велосипеди, покриени со кал и алги. Јасно е дека биле фрлени во вода и потоа повторно извадени на површина. Додека никој не знае кој ги фрла, познат е идентитетот на оние кои ги вадат овие превозни средства.

    Група студенти волонтери ја основаа стартап компанијата Гапи, чија цел е да ја „ослободат“ реката од големиот број ’рѓосани тротинети и велосипеди. Тие ги вадат со помош на магнетни трски за риболов.

    За време на една акција во јуни, тие извадиле 58 електрични тротинети, 11 велосипеди, шест огради и два електрични моторцикли. Но, овој проблем не му се случува само на Париз.

    Лидерот на пазарот за изнајмување на велосипеди и скутери „Лајм“ признава дека голем број од нивните превозни средства во Париз и Марсеј завршиле во Сена и во Средоземното море. Американската компанија вели дека ги рециклира нив и дека повеќето може повторно да се користат.

    Во Марсеј на пример, голем број од тротинетите завршуваат во морето, а волонтерите го вадат најчесто од кај пристаништето. Студентите од компанијата наскоро треба да се сретнат со операторите за да најдат решение за проблемот.

    И други европски градови како Амстердам имаат ист проблем. Во најпознатиот град за возење велосипеди, властите вадат од 12.000 до 15.000 од каналите секоја година.

    Голем број од фрлените велосипеди не се изнајмени, бидејќи компаниите кои ги изнајмуваат бараат или големи депозити или копии од лични карти или кредитни картички. Повеќето од велосипедите кои завршиле во каналите се или скршени или украдени.

    Фактот што овие превозни средства завршуваат во вода не е лошо само за компаниите кои изнајмуваат, туку и за екологијата.

    „Литиумските батерии содржат супстанци кои се опасни и отровни за водната средина“ вели Анита Шмит од Германскиот институт за истражување и тестирање.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари