СВЕТСКИОТ ШАМПИОН ВО ТРИАТЛОН КОЛТИНГ ВОЗИ 2.500 КМ ОД СКОПЈЕ ДО ШВЕДСКА ЗА ПОМОШ НА НАЈРАНЛИВИТЕ ГРУПИ

    СВЕТСКИОТ ШАМПИОН ВО ТРИАТЛОН КОЛТИНГ ВОЗИ 2.500 КМ ОД СКОПЈЕ ДО ШВЕДСКА ЗА ПОМОШ НА НАЈРАНЛИВИТЕ ГРУПИНазначената амбасадорка на Шведска во Македонија Кристин Форсгрен Бенгтсон денес од Порта Македонија ги придружуваше велосипедистите на нивниот прв километар на турата долга околу 2.500 километри (Фото: Амбасада на Шведска)

    Група велосипедисти од Шведска на чело со светскиот шампион во триатлон Јонас Колтинг, денес од Скопје ја почна велосипедската тура „Cycle4EUrope“ која  се одржува за првпат, во организација на шведската фондација „Лоза“. Турата ја предводи Колтинг, кој заедно со другите велосипедисти во период од две недели ќе вози низ некои од најсиромашните европски земји, за да се подигне јавната свест за најранливите групи луѓе во Европа.

    Рутата има 2.500 километри, со почеток во Скопје,  а продолжува низ Косово, Босна и Херцеговина, па понатаму низ други европски земји, а финална дестинација е Варберг, Шведска.

    „Целта на настанот е подигнување на јавната свест за најранливите групи на луѓе во Европа и преку него ќе бидат собрани финансиски средства за да може да им се помогне на тие групи“,  вели Сабина Грубесон од „Лоза“.

    Од Фондацијата велат дека нивните активности се насочени во корист на најранливите групи луѓе кои живеат во најсиромашните земји во Европа. Досегашните проекти на „Лоза“ беа наменети за деца, младинци и возрасни со попреченост и со хронични болести, како и жени кои беа погодени од војните на територија на некогашната СФРЈ и сè уште живеат во исклучително неповолни услови.

    Кристин Форсгрен Бенгтсон, назначена амбасадорка на Шведска во Македонија, ја поздрави иницијативата на фондацијата „Лоза“ и им посака успешно возење на велосипедистите (Фото: Амбасада на Шведска)

    „Актуелно Фондацијата реализира проекти во Северна Македонија и Босна и Херцеговина наменети за лицата кои живеат во институции, а се подготвуваат за деинституционализација. Собраните финансиски средства од ‘Cycle4EUrope“ ќе се искористат согласно приоритетите и потребите и ќе бидат наменети за оние лица од целната група на Фондацијата на кои најмногу ќе им бидат потребни“, велат од „Лоза“.

    Назначената амбасадорка на Шведска во Македонија Кристин Форсгрен Бенгтсон денес од Порта Македонија заедно со нејзиниот заменик Јохан Хенриксон и двајца вработени од амбасадата, на велосипеди и еден електричен тротинет ги придружуваа велосипедистите на нивниот прв километар на турата.

    „Амбасадата на Шведска одлучи да го поддржи настанот и активноста затоа што ги одразува шведските вредности како што се, меѓу другите, човекови права за сите, инклузивно општество, солидарност, здрав и активен живот. Како што нè информираа од ’Лоза’ денес веќе е собрана одредена сума на пари, а вчера им беа и доделени 50 велосипеди на деца и младински поранешни и сегашни корисници од Јавната установа ’25 Мај’ и ’Ранка Милановиќ’“, ни рекоа од Шведската амбасада.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира