ТАНЧАРКИ ОД АРУБА ГО НАЈАВИЈА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ

    ТАНЧАРКИ ОД АРУБА ГО НАЈАВИЈА СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛTанчарките од Аруба се најголема атракција на маскенбалот во хотелот „Сириус“ каде што се избираат принц и принцеза за утрешното дефиле. (Фото: СДК.МК)

    Со маскенбал во речиси сите струмички кафулиња и по улиците вечерва се најавува карневалот на кој оваа година ќе учествуваат 2.000 карневалџии од земјава и од странство.

    Најголема атракција се танчарките од Аруба кои со румба и самба се појавија на маскенбалот во хотелот „Сириус“ каде што се избираат принц и принцеза за утрешното дефиле.

    „И ова година ќе потврдиме дека не случајно сме во топ три карневали во Европа. Маскенбалот најавува дека утре во Струмица ќе имаме доста квалитетни креации, шаренило од бои и доста атрактивни настапи“, рече Александар Цицимов од Организациониот одбор на карневалот.

    На Струмичкиот карневал освен од Аруба ќе учествуваат и карневалџии од Германија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, Албанија и Бугарија, но и повеќе групи од Македонија.

    И годинава карневалот го почести првиот човек на Европската федерација на карневалски градови Фердинанд Ван Дер Крон кој рече дека струмичкиот е карневал кој не смее да се пропушти.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира