Жена од Тексас била нападната од јастреб и змија во исто време, откако птицата – која јаде змии – случајно врз неа ја испуштила змијата. Пеги Џонс (64) го косела тревникот кога јастреб испуштил змија па се впуштил кон неа за да си го врати оброкот. Змијата ѝ се завиткала околу раката и почнала да ја удира по лицето додека птицата ги забила канџите длабоко во нејзиното месо. Џонс добила исеченици и модринки на раката и лицето.
Бизарниот инцидент се случи на 25 јули во градот Силсби, Тексас, во близина на границата со Луизијана.
„Додека се обидував да ја извлечам раката и да ја откачам змијата, змијата ми се обви околу раката“, вели Џонс. „Змијата ме удираше в лице, удри неколку пати на очилата… Јас ја тресев раката, ама змијата остана“.
Таа сфатила дека змијата мора да е исфрлена од птица што прелетувала, бидејќи не стоела под дрвја кога се случи инцидентот. Нејзината претпоставка била потврдена кога јастребот се спуштил и почнал да напаѓа.
„Јастребот се појави исто толку брзо како што се појави змијата. Јастребот ја зграпчи змијата што беше завиткана околу мојата рака и ја повлече како да сакаше да ја однесе. И кога го стори тоа, ми ја крена раката“, вели Џонс.
Јастребот се борел да ја отстрани змијата од телото на Џонс, постојано удирајќи ја со канџите додека се обидувал да ѝ ја одземе. На крајот, змијата била извлечена од нејзината рака, а шокираниот сопруг ја однел в болница.
„Имав убодни рани, исеченици, гребнатини, и тешки модринки“, рече таа, додавајќи дека нападите на змијата ѝ ги оштетиле очилата.
Џонс вели дека нападот бил сериозно трауматичен, мислела дека ќе умре и оттогаш има проблеми со спиењето. Вели дека живеејќи во рурален Тексас, не ѝ е непозната средби со дивиот свет.
„Сум видела како јастреб граба змија. Тоа е нешто што го прават, на тој начин го убиваат својот плен“, рече таа.
Но, сега, вели Џонс, тоа е нешто што секогаш ќе го има на ум.