Легендарниот шкотски актер Шон Конери го имаше едно од ретките појавувања во јавност во последните неколку години и тој не ги криеше емоциите кога темата од серијалот Џејмс Бонд беше пуштена на разглас на централниот терен на Отвореното првенство на САД.
Осумдесет и седумгодишниот Конери го проследи мечот помеѓу Роже Федерер и Френсис Тјафоу од Претседателската ложа и доби стоечки овации од публиката, која можеше да забележи колку тој беше среќен кога на теренот се слушна една од најпрепознатливите филмски мелодии.
Конери, кој седум пати ја одигра улогата на прославениот таен агент, многу ретко можеше да се види на јавни настани откако го сними последниот филм во 2003 година. Еден од исклучоците е токму Ју-Ес опен, на кој присуствуваше и во 2012 и во 2015 година.