Четири тигри го усмртија нивниот скротувач во јужна Италија, во исто време додека во парламентот се води дебата за забрана на користење животни во циркуси.
Полицијата објави дека 61-годишниот Еторе Вебер бил нападнат од тигрите за време на тренинг-сесија во Триџано, мал град во регионот Пулја. Сите осум тигри кои биле во циркусот се запленети од полицијата, што иницирало протести на здруженија за заштита на животни. Тие побараа тигрите кои учествувале во нападот да не бидат убиени и ја повикаа владата да ја забрза процедурата околу донесување закон за забрана на користење животни во циркуси.
„Тигрите мора да бидат спасени и треба да бидат ставени во околина посоодветна на нивното природно живеалиште“, побараа здруженијата.
Италијанскиот парламент повторно ја отвори дискусијата за овој закон, откако претходниот обид беше отфрлен во 2017.