ТРАГАЧИТЕ ПО ЗЛАТО НА ГАЛИЧИЦА УШТЕ ЈА БАРААТ ФРАНЦУСКАТА БОЛНИЦА ВО КОЈА НА РАНЕТИТЕ ВОЈНИЦИ ИМ БИЛЕ ВГРАДУВАНИ ЗЛАТНИ ШИПКИ

    ТРАГАЧИТЕ ПО ЗЛАТО НА ГАЛИЧИЦА УШТЕ ЈА БАРААТ ФРАНЦУСКАТА БОЛНИЦА ВО КОЈА НА РАНЕТИТЕ ВОЈНИЦИ ИМ БИЛЕ ВГРАДУВАНИ ЗЛАТНИ ШИПКИИако влезот во овој национален парк е строго контролиран, поединци успевале со опрема да влезат во него. - Офроуд тура со џипови низ Галичица (Фото: СДК.МК)

    Трагачи на по злато од Охрид и од други делови на Македонија, но и од странство, и натаму ја бараат француската воена болница од Првата светска војна, која во 1916 година била изградена на планината Галичица. Лекарите кои работеле во болницата, се верува дека на ранетите француски војници на скршените коски им вградувале златни шипки, па во болницата имало големи количини на златен медицински материјал. Досега никој не успеал да го пронајде, но меѓу трагачите се шират приказни за локацијата на овој објект.

    Ловците на скриено богатство имале сознанија дека воената болница се наоѓа на преспанската страна на Галичица. Била доволно оддалечена од првата линија на фронтот на која војувале француски од една страна и бугарски и германски војници од друга. Опстојувала сѐ до 1918 година, кога сојузничките сили на чело со Франција го пробиле германско-бугарскиот фронт на оваа планина.

    Митот за постоењето на француската воена болница која досега никој не ја нашол продолжува да живее и 103 години по нејзината наводна изградба на Галичица. Трагачите од земјава и од странство користат најсовремени детектори за откривање на метал, злато. Случајни средби со нив имале и некои љубители на планинскиот туризам. Иако влезот во овој национален парк е строго контролиран, поединци успевале со опрема да влезат во него.

    „И јас пред повеќе години учествував со една екипа во потрагата по француската воена болница на Галичица. Имавме современи детектори, но ништо не најдовме. Од жители од блиските села разбравме дека некој селанец успеал да ја најде болницата која била длабоко вкопана во земјата. Но, тие кажуваат дека тој селанец набргу починал. Никогаш не се открило од што настапила смртта. Има некои толкувања дека во внатрешноста на објектот имало и бојни отрови кои Французите ги оставиле по пробивањето на фронтот, а нивните испарување и по толку години го усмртиле човекот. Не знам, така се зборува“, ни раскажува нашиот соговорник, кој сака да остане анонимен, бидејќи примал закани од други трагачи по злато, кои биле убедени дека знае каде е болницата.

    За трагачите по француската воена болница интересни се и други предмети што биле во неа.

    „За мене е голем предизвик француската воена болница на Галичица. Некои кажуваат дека била сместена во шатори, со што шансите да се најде се никакви. Чув дека во неа имало и познати француски вина кои, сега по 100 години имаат голема вредност кај колекционерите во светот. Моментално мислам на виното, а помалку на златото”, вели тој.

    На фронтот на планината Галичица биле стационирани илјадници француски, германски и бугарски војници.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира