ЦЕЛТА НИ Е ДА ГИ ТРГНЕМЕ ДЕЦАТА ОД СМАРТФОНИТЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА „КАРПОШ“ КОЈ СЛАВИ 70 ГОДИНИ

    ЦЕЛТА НИ Е ДА ГИ ТРГНЕМЕ ДЕЦАТА ОД СМАРТФОНИТЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА „КАРПОШ“ КОЈ СЛАВИ 70 ГОДИНИ„Основна цел ни е, да ги тргнеме децата од сите тие технички помагала од кои станаа зависни, им даваме можност за покрај физичката активност, да го исполнат слободното време со дружења и патувања“, директорката Ружа Ѓорѓеска (Фото: : М. Златевска/ ДКЦ „Карпош“)

    Една мала скопска „палата“ во задоцнет стил од времето на колонијализмот, некогаш на периферијата на Скопје, а денес на една од најглавните улици, 70 години е место за дружење, слободно мислење и уметничко изразување.

    Детскиот културен центар „Карпош“, до 90-тите години на минатиот век познат како Пионерски дом „Карпош“, деновиве со свечен концерт прослави седум децении постоење.

    Зградата е изградена во 1907 година, од семејството Драга, кои имале имот на местото Кермес и Езерце и јазот на „Орце Николов“. Последниот наследник Али Драга, за последен пат го посетил Скопје во 1996 година, на 90 годишна возраст, и порачал дека, бидејќи нема наследници, ја остава зградата како аманет да биде културен центар на сите деца во Скопје.

    Во годините на двете светски војни, во куќата живееле и српски чиновник, француски конзул, бугарска полиција, а на 6 јуни 1948 година се вселиле децата на Пионерскиот дом „Карпош“, кој бил формиран како Централен пионерски дом на пионерите на Македонија и прв во тогашната Југославија.

    „ Во оваа мала зграда во центарот на Скопје , поставени се темелите на многу денешни институции. Во 1949 година од балетската секција се роди Балетот во Македонскиот народен театар. Во 1955 година, во дворот на Домот функционирала првата детска градинка во Скопје. Тука настанале и првата детска радиодрама, како и Хорот “, вели директорката Ружа Ѓорѓеска.

    „Денешно познанство, вечно пријателство“ е мотото на Центарот, кој стои како организатор на значајните традиционални манифестации како Снежен град, Оро без граници, Априлијада, Цртам на асфалт, Го градам мојот град, Ученичка квизотека, како и на поновите: Ролеријада, Весел плоштад, Гитар фест- Тремоло, Сакскларк и Шаховски натпревар за млади.

    „Горди сме на многуте значајни културни имиња со светско реноме кои проилегоа одовде“, вели директорката Ѓорѓеска (Фото: М. Златевска )

    Директорката додава оти до лани беа организатори на проектот „Туристичка стража“, кој иако, како што вели таа, наишол на голем интерес, годинава беше укинат од Градот Скопје.

    Домот е постојано отворен за деца од 4 години до 18 години, а денес имаат 370 членови. Најбројна е фолклорната секција со над 200 деца, во балетската има 60, во драмската 20-30 деца, во секцијата за изучување на традиционални инструменти 15 и во секцијата за пинг понг 10 деца.

    „Успехот на Детскиот културен центар се состои во тоа да им пружиме рака на сите тие талентирани деца да можат пред сѐ да ги остварат своите соништа, и подоцна да изградат кариери. Колку што повеќе имаме успешни луѓе, толку е поуспешна и нашата работа“, вели директорката, набројувајќи дел од личностите кои таму почнале а денес имаат богати кариери како : Симон Трпчески, Ана Дурловски, Сузана Спасовска, Коле Ангеловски, Слободан Унковски, Калипи, Зоран Џорлев, и Вјечислав Поповски и Мина Блажев од новите генерации.

    Цртам на асфалт и Го градам мојот град се едни од традиционалните манифестации кои ги организира ДКЦ „Карпош“ (Фото: ДКЦ „Карпош“)

    Директорката вели дека покризен период за Домот биле 1962 и 1963 година за време на поплавата и земјотресот, кога бил оштетен, но со солидарноста на децата од цела Југославија бил возобновен.

    Зградата е заштитена како културно наследство и затоа однадвор не смее да се интервенира, но внатрешниот дел беше целосно реновиран и адаптиран во 2009 година со помош на Град Скопје.

    „Основна цел ни е, да ги тргнеме децата од сите тие технички помагала од кои станаа зависни, им даваме можност за покрај физичката активност, да го исполнат слободното време со дружења и патувања.
    Фолклорната секција, на пример, ја пропатува цела Европа. Градиме мостови на пријателства, децата имаат можност да се развиваат во друго светло, стекнуваат навики и се градат како личности“, вели директорката Ѓорѓеска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира