Честички од црн јаглен или саѓи можат да навлезат во плацентата, покажа истражувањето на Универзитетот Хаселт во Белгија. Ова е прв директен доказ дека штетните честички можат да навлезат во плацентата, орган кој го врзува фетусот во развој за ѕидот на матката за да се овозможи навлегување на хранливи материи, исфрлање на отпадниот материјал и размена на гасови преку мајчиниот крвоток.
Студијата може да биде прв чекор во објаснувањето зошто високото загадување се поврзува со зголемените ризици за абортус, предвремено породување и со бебиња со мала тежина.
Кислородот и хранливите материи минуваат низ плацентата на мајката до фетусот и тој ги прима преку папочната врвка. Познато е дека состојки како алкохол, никотин и дроги можат да поминат низ плацентата и затоа на жените им се препорачува да ги избегнуваат во бременоста.
Научниците истражувале плаценти од предвремени породување и од породувања во предвидениот термин. Со помош на снимање во висока резолуција, тие и во двата случаја откриле честички од црн јаглен во плацентата.
Десет мајки кои живееле близу фреквентни улици и кои биле изложени на највисоко ниво на загадување за време на бременоста имале највисоко ниво на честички во плацентата, во споредба со други 10 жени кои живееле 500 метри подалеку од фреквентна улица.
Научниците велат дека тие стигнале до плацентата преку белите дробови на мајката. Експертите препорачуваат дека една од мерките за бремените жени е да ги избегнуваат фреквентните улици.
„Нашите испитувања покажуваат дека човечката плацента не е непробојна за честички. Натамошни испитувања треба да покажат дали преку плацентата доаѓаат во контакт со фетусот“, вели водачот на истражувањето, професорот Тим Норвок.