ЦРТЕЖИ ОД ОХРИД И БИТОЛА ОД АНГЛИЧАНЕЦОТ ЕДВАРД ЛИР СТАРИ 173 ГОДИНИ СЕ ИЗЛОЖЕНИ ВО КУЌАТА НА РОБЕВЦИ

    ЦРТЕЖИ ОД ОХРИД И БИТОЛА ОД АНГЛИЧАНЕЦОТ ЕДВАРД ЛИР СТАРИ 173 ГОДИНИ СЕ ИЗЛОЖЕНИ ВО КУЌАТА НА РОБЕВЦИЛир бил фасциниран од убавината на Охирд и за тој период направил извонредни цртежи. (Фото: Библиотека Хoутон на Универзитетот Харвард, САД)

    Голема колекција на слики, цртежи и скици на пејзажи од англискиот сликар, романсиер, поет, патописец Едвард Лир деновиве е изложена во Куќата на Робевци во Охрид, кои ги направил за време на неговата посета на Охрид и Битола во 1848 година. Во 19. век, тој бил единствениот Англичанец кој го истражувал Охридскиот Регион, од каде ја добил инспирацијата за уметничките дела.

    Во 1848, Лир на патување од Грција кон Константинопол навлегол во дивите територии на тогашната Отоманска империја. Преку Егејска Македонија доаѓа во Преспа, Битола и Охрид, а од таму продолжува за Албанија. Она што тој го насликал и напишал за време на ова свое патешествие е од големо значење за Македонија и е важен документ за земјата од тоа време.

    Лир се смета за несекојдневна личност од периодот на првата половина на 19 век. За разлика од своите современици, изразува силен интерес за диви, природни пејзажи. На свој специфичен начин, Лир ги насликал сцените што ќе наишол и интензивните емоции што ги доживеал, а токму патувањето од Солун до Охрид во септември 1848, во периодот на османлиското владеење, било можност до израз да дојде неговиот сликарски и романсиерски талент.

    Монастир, 19 септември 1848 година. (Фото: Библиотека Хoутон на Универзитетот Харвард, САД)

    „Едно од делата на Лир за првпат го видов пред повеќе од 10 години, тоа беше репродукција од неговиот цртеж од џамијата Хаџи Тургут, позната и како Крст џамија во Охрид која е како заштитен знак на маалото каде што сум роден и каде го имам поминато половина од животот. Тоа беше невообичаено чувство, дека пред 173 години, односно во 1848 година, некој странец бил во моето маало и ја нацртал џамијата. Од тогаш почна мојот интерес за овој извонреден и мултиталентиран уметник. Тоа пак ме однесе до еден мој колега, битолчанецот Роберт Михајловски кој живее и работи во Мелбурн, Австралија, кој ми ги испрати првите неколку фотографии од делата на Лир со што започна и моето трагање по делата на овој сликар. Роберт ме упати до местото каде се чуваат најголемиот дел од делата на Лир, а тоа е Библиотеката Хoутон на Универзитетот Харвард во САД. На нивниот сајт можев да ги видам и преземам неговите дела кои беа дигитализирани и слободни за користење. Исто така голема заслуга за моето истражување на делата на Лир има Влатко Милошевски, кој со семејството живее и работи во Холандија и е пасиониран колекционер на уметнички дела, а без чија огромна помош не ќе можеше ни да се реализира оваа изложба“, вели Милчо Георгиевски, историчар на уметност, советник виш-кустос во Завод и Музеј Охрид, кој ја постави изложбата во Куќата на Робевци.

    Во потрагата по делата низ годините, Георгиевски стигнал до бројка од 38 дела, односно репродукции на цртежи кои се изложени на оваа изложба. Тоа се цртежи и слики настанати од неговото влегување во Македонија, неговиот тридневен престој во Битола, неговото пропатување низ Преспа и неговото доаѓање во Охрид, каде исто така останал три денови. Во Охрид, Лир бил фасциниран од убавината на Езерото и за тој период направил извонредни цртежи, а потоа преку Струга и Ќафасан, го продолжил неговиот пат кон Албанија.

    Освен што бил талентиран сликар,  Лир бил и надарен писател и романсиер. И додека патувал низ овие простори, дотогаш речиси целосно непознати за западниот свет, тој пишувал и забележувал за сѐ она што се случувало додека патувал и престојувал во градовите кои ги посетил. Тие негови патописни белешки ги објавил во неговата книга „Едвард Лир во Албанија – Журнал на сликар на пејзажи од Балканот“ од 1851 година. Во тоа време не било ниту малку вообичаено да дојде странец во овој дел од Балканот, сосем поинаку облечен од локалното население, кој зборува поинаков јазик, па уште и да застане и да црта. Тоа предизвикувало голем интерес кај локалното население, но воедно и му пречело во работата.

    За ова Лир во неговата книга ќе запише: „Емин Сераскиер паша се школувал на Кембриџ и течно го говори англискиот јазик. Некое време разговараше пријатно и интелигентно, а откако ми вети и назначи гаваз (тогашен чувар на редот, н. з.), разговорот беше готов, а јас се вратив во анот, нестрплив веднаш да ги нападнам уличните сцени на Монастир (Битола н. з.) директно под надзор на мојот стражар. Ова многу ми помогна и јас непречено цртав по сувиот дел на речното корито па дури и во еврејскиот кварт, и покрај огромните толпи народ насобрани да сведочат за необичниот Френк и неговите дела, а зборот ‘Шкру, Шкру’ одекнуваше од стотици гласови над и околу мене. Но, гавазот, со помош на неговата застрашувачка палка одржуваше чист простор околу мене и така успеав да пренесам некои од најубавите погледи на градот пред да се стемни“.

    Охрид, 23 септември 1848 година. (Фото: Библиотека Хoутон на Универзитетот Харвард, САД)

    „Уште еден ден во Ахрида (Охрид, н. з.), а потоа тргувам на запад и на север. Има една улична глетка под замокот каде што еден величествен платан ги засенчува пазарите богати со секаков вид облека во весели бои… За да понесам скица од ова требаше да работам половина утро, останатото време го поминав во пешачење по источниот брег од езерото. Прошетката морав да ја направам сам бидејќи гавазот што ме чуваше го пратив да набави коњи за утрешниот пат. Преубава беше тврдината што доминираше на карпата и се огледалуваше во бистрата и светла вода. Но, она што најмногу ме забавуваше беше бесконечниот број птици кои беа несомнено дружељубиви и ја оживуваа атмосферата. Илјадници гузи (вид птици, н. з.) се дружеа со домашните патки и гуски и белите чапљи кои изведуваа величенствени обиколки за набљудување на трските…“, сликовито ги опишува Лир убавините на Охридското Езеро.

    Георгиевски вели дека во патеписот на Лир има еден дел од 30 и нешто страници кој е посветен на неговото патување низ Македонија.

    „Токму тој дел од неговиот патопис го преведов и се надевам дека во скоро иднина ќе се најде издавач да го отпечатиме за луѓето да имаат можност и да ги прочитаат неговите размислувања и проблеми со кои се соочувал, но и да прочитаат како тој ја доживувал оваа наша убавина“, вели Георгиевски.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира