Твитер соопшти дека тестира двојно зголемување на бројот на знаци дозволени во твитовите на социјалната мрежа.
„Сакаме секоја личност ширум светот да може лесно да се изрази на Твитер и затоа правиме нешто ново: тестираме ново ограничување, 280 знаци”, соопшти компанијата од Сан Франциско на својот блог.
Ограничувањето на твитовите од 140 знаци важи од самиот почеток на Твитер во 2006 година.
„140 беше произволно ограничување базирано на ограничувањето од 160 знаци на СМС. Горд сум што тимот беше обзирен при решавањето на вистински проблем што го имаат луѓето кога се обидуваат да твитаат”, твитна извршниот директор на Твитер Џек Дорси.
Твитер се надева дека на овој начин корисниците нема често да се соочуваат со ограничувањето и ќе им биде полесно да твитаат. Засега, тестирањето опфаќа мала група корисници и компанијата не кажува кога подолгото ограничување ќе им биде овозможено на сите корисници.