Со насмевки на лицата и очи полни радост танчерите со Даунов синдром од танцовото студио „Дансерс јунајтед МК“ специјално за САКАМДАКАЖАМ.МК ја изведоа точката во хип хоп, со која пред десет дена на Светското првенство во модерни танци за лица со попреченост во Копанхаген во Данска освоија бронзен медал.
„Ептен се израдувавме за медалот, целиот натпревар беше супер. Не очекувавме дека ќе добиеме медал. Воопшто не беше строго, беше забавно и убаво. Хип хоп и латино танци вежбаме со Вики и со Сара. Сара ме учи и танго да играм. И мајките беа со нас, сѐ почнува од нив. Мојата мајка беше многу добра. А утре ќе одам во Велес кај баба ми за да ѝ ја покажам медаљата“, вели Александар Матовски Цако, еден од танчерите со Даунов синдром.
Оваа група танчери во рамки на танцовото студио „Дансерс јунајтед МК“ составена од Ана Беќарска, Моника Бисовска, Христијан Стојанов, Дарко Ефтимовски, Ена Митревска, Александар Матовски, Оливер Блажевски, Флоренс Гарет и Деја Јовчевска, постои веќе четири години. Годинава по втор пат учествуваа на Светско првенство во модерни танци. Лани на натпреварувањата освоиле шесто место, а годинава трето.
За фотосесијата за САКАМДАКАЖАМ.МК тие ги носеа и костимите со кои настапија во Копенхаген, а гордо го покажаа и пехарот.
Нивните ментори и тренери Сара Кочан и Виолета Блашевска велат дека иако во групата се девет танчери, на натпреварот во Данска од оправдани причини отуствувале Флоренс и Деја. Флоренс Гарет, која е ќерка на британскиот амбасадор во Македонија Чарлас Гарет, не беше на првенството по танц во Данска, бидејќи беше на Светско првенство во пливање за лица со Даунов синдром во Париз, од каде се врати со три медали, злато, сребро и бронза.
За време на нашата посета во танцовото студио ги немаше Дарко и Ена, бидејќи заминале на одмор.
„Кога кажаа дека сме трето место Ана заплака од среќа, не можеше да верува. Ама и Вики плачеше. Многу сакам да танцувам, танцувањето ме прави среќен. Сакам и латино и хип хоп, ама највеќе сакам танго да играм. Ја учам дома и мајка ми“, вели Оли, кој е најстар во групата и има 38 години.
Останатите танчери со Даунов синдром се на возраст од од 20 до 23 години. Моника, која има 21 година и по втор пат оди во средно училиште, вели дека е многу среќна за освоениот медал, а дека е уште посреќна што нејзините пријатели постојано ја поддржуваат и ѝ помагаат.
Кристијан, или како што во групата го викаат Кико, е студент на Педагошкиот факултет, и вели дека освен на медалот се израдувал што прошетале и во Шведска.
„Овде учиме да танцуваме, но и многу се дружиме. Убаво ни е на душата кога играме, а на натпреварот беше многу убаво“, со насмевка раскажува Кико.
Групата танчери е формирана пред четири години, на иницијатива на Сара Кочан, еден од тренерите. Таа објаснува дека на почетокот, кога била формирана групата, овие деца доаѓале на вежби само во сабота, за да не се среќаваат со децата од другите групи, кои се со вообичаен развој.
„Кога почнавме внимамавме и на тоа за да не се плашат децата. Но, со текот на времето ги запознаа и сега се одлично прифатени и се дружат со нив. Тоа многу значи за овие деца. Јас ги викам деца иако според возраста не се деца. И тие сакаат да се дружат, да излегуваат, како и сите останати“, вели Кочан.
Мајките на Оли, Ана и Моника велат дека танцувањето и вежбите во групата се голема психолошка поддршка и за нив и за децата, бидејќи по завршување на образованието осудени се да седат дома затворени. Тие најчесто добиваат решение со кое се прогласени за работонеспособни и не можат да се вработат.
„Моника по втор пат ја запишав во средно училиште. Имаме право на тоа. Првиот пат го заврши средното, но оди по втор пат за да не седи дома затворена, за да се дружи и да биде во контакт со други деца“, вели Мирјана Бисовска.
Слични судбини и проблеми имаат и останатите танчери со Даунов Синдром. Оли, како што раскажува неговата мајка Марица, бидејќи на времето кога растел немало системско образование за лица со Даунов синдром, останал без образование, а Комисијата која одлучува дали овие лица се работоспособни во решението напишала дека е трајно неспособен.
„Овие деца имаат наклоност кон музика, но сами без поддршка ништо не можат да направат. Овде кога доаѓаат се многу среќни и задоволни, а Оли поради тоа што е прогласен за трајно неспособен никаде не може да се вработи. Танцувањето за нив можеби е забава, но за нас родителите е борба да докажеме дека и нашите деца можат“, вели Марица Блажевска.
Ана пак иако не е лице со Даунов синдром, туку со други пречки во развојот, од лани се придружила на групата танчери.
„Ана се приклучи лани, и одлично ја прифатија. Се обидовме на почетокот да оди во редовно училиште, но заостануваше зад другите деца и ја префрливме во Златен Сремац, каде одлично напредуваше. Танцувањето за неа значи многу, бидејќи општеството не нуди можност за поддршка на лица со пречки во развојот. Ана според решението од комисијата е работоспособна. Но, со такво решение ниту еден работодавач нема да прими лице со пречки во развојот, бидејќи не може да добие финансиска поддршка од државата“, вели мајката на Ана.
Танцовото студио „Дансерс јунајтед МК“ сега работи на реализација на идејата оваа група танчери да стане професионална, и да можат овие луѓе во иднина сами да заработуваат.
„Сѐ почна од љубов и почна како забава. Но, најголемата мака за овие деца е што со нив откако ќе завршат со образованието, и што ќе се случи кога нивните родители нема да можат да се грижат за нив. Многу од нив добиваат решенија дека се трајно неспособни, а не постои соодветна институција која ќе се грижи за нив. Постојано им е потребна помош и поддршка. Пробавме да ги вработиме овде во нашето студио, но поради решенијата со кои се оценува дека се неспособни не ни успеа. Слушајќи ги маките на родителите кај нас се роди идеја оваа група да прерасне во професионална, за да можат некако сами да обезбедуваат егзистенција за себе“, вели Кочан.
Е.БОЧВАРОСКА