ФЛОРЕНС, ТИ СИ БРИТАНСКА И МАКЕДОНСКА ГОРДОСТ

    ФЛОРЕНС, ТИ СИ БРИТАНСКА И МАКЕДОНСКА ГОРДОСТФлоренс Гарет, ќерката на британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет, на Европското првенство во пливање за лица со Даунов синдром освои злато во дисциплината 50 метри грбно, сребро на 100 метри грбно и бронзен медал во штафетата на Велика Британија (Фото: М. Златевска)

    Флоренс Гарет, ќерката на британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет, освои три медали на Европското првенство во пливање за лица со Даунов синдром во Париз. Флоренс освои злато во дисциплината 50 метри грбно, сребро на 100 метри грбно и бронза во штафетата на Велика Британија. Ова беше 4. Европско првенство во пливање за лица со Даунов синдром. Флоренс досега учествувала на две светски првенства во пливање за Велика Британија, а ова и е ѝ второ европско првенство, но првпат се враќа со медали.

    Флоренс и мајка ѝ Вероник велат дека голема заслуга за успехот имаат и тренерите од пливачкиот клуб „Бета“ во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

    Тренерите и останатите членови на клубот завчера ѝ приредија и посебен дочек на Флоренс по успехот во Париз. Ѝ послаа црвен тепих во базенот и ја пречекаа со цвеќиња, аплаузи и натпис „Ти си наша гордост“.

    Тренерите и останатите членови на клубот во СЦ „Борис Трајковски“ завчера со црвен тепих, цеќиња, аплаузи и натпис „Ти си наша гордост“ ја пречекаа Флоренс по настапот во Париз

    „Бев премногу изненадена. Не знаев дека ми спремиле такво нешто. Мислев дека одиме во базенот само да се видиме со тренерот. Но, ме пречека црвен тепих и аплаузи. Беше прекрасно“, ни кажа Флоренс, која ја посетивме во амбасадорската резиденција на Водно.

    Флоренс веднаш ги извади трите медали и потоа ги стави на градите. Вероник ни кажа дека изминативе два месеци во „Борис Трајковски“ таа секојдневно се подготвувала за настапот на европското првенство, дури тренирала и по два пати на ден.

    „Кога го освои златото, заплакав од среќа. Прво се јавив на Чарлс, а потоа веднаш и на тренерот Илија кој исто така е заслужен за успехот на Флоренс. Пречекот на базенот ме остави и мене без зборови, не беше збунета и пресреќна само Флоренс, туку и јас“, вели Вероник.

    Во знак на благодарност за македонските тренери но и за Македонија, Флоренс на настапите го имаше македонското знаме насликано на ноктите на нозете.

    „Настапував за Велика Британија, но и Македонија ми е во срцето. Затоа, на ноктите на рацете го имав британското знаме, а на нозете македонското“, ни рече Флоренс.

    Во собата на Флоренс има вкупно 91 медал од различни натпреварувања (Фото: М. Златевска)

    Вели дека кога тргнала за Париз очекувала само медал во штафетата на Велика Британија, но не и во другите две дисциплини. Доволно за неа било да ги мине квалификациите и да влезе во финалните натпревари.

    „Кога го освоив среброто бев пресреќна, но кога испливав како најдобра на 50 метри грбно не можев да верувам. Излегов од базенот и веднаш го ставив британското знаме околу мене. Посебно е чувството да ја слушаш химната, а на градите да имаш златен медал“, раскажува Флоренс, која сега се надева дека ќе учествува на наредното светско првенство во Канада и од таму повторно ќе се врати со медали.

    Флоренс плива од мала и постојано се натпреварува. Во нејзината соба има медали од различни натпреварувања. Ја прашавме знае ли колку медали има добиено досега.

    „Не знам. Сега ќе ги донесам и ќе ги преброиме заедно сите“.

    Избррвме 91 медал, а Флоренс  ги зема во раце и ни рече „Дали со волку медали сум  добра колку што е Мајкл Фелпс?“.

    Флоренс ќе одмара само два-три дена, бидејќи за неа пливањето е сè и едвај чека повторно да се врати на тренизните во спортскиот центар „Борис Трајковски“. (Фото: М. Златевска)

    По настапот на Европското првенство во Париз кое траеше од 29 октомври до 4 ноември, Флоренс неколку дена одмара. Но вели тоа ќе трае само два-три дена, бидејќи за неа пливањето е сè и едвај чека повторно да се врати на тренизните во „Борис Трајковски“.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира