Суд во Њујорк по десетти пат го одби барањето за условна слобода на Марк Дејвид Чепмен, убиецот на Џон Ленон и тој ќе остане зад решетки и во наредните две години.
Во објаснувањето на својата одлука, судот вели дека ослободувањето на Чепмен „би било неспоиво со благосостојбата и безбедноста на општеството и би ја занемарило сериозноста на стореното кривично дело“.
Сега 63-годишниот Чепмен го застрела и уби легендарниот музичар пред неговиот дом во Менхетн на 8 декември 1980 година. Тој отслужува затворска казна меѓу 20 години и доживотно.
„Тој призна дека внимателно го планирал и извршил убиството на славна личност без особена причина, освен да се здобие со озлогласеност. Иако ниту еден живот не е повреден од другите, со фактот дека избрал да убие позната личност сакана од милиони луѓе, тој покажал безобѕирно непочитување на светоста на човечкиот живот“, се вели во одлуката на судот.
Откако се дозна дека Чепмен поднесол ново барање за условна слобода, политичари и фанови на Ленон одржаа протест, барајќи тоа да биде одбиено.