Ученици од повеќе училишта во Скопје, основните „Невена Георгиева-Дуња“ и „Св. Климент Охридски“, Државното средно учулиште за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, како и студентите од Машинскиот факултет отсек индустриски дизајн, учествуваа во работилници за изработка на хотели за инсекти. Станува збор за инклузивен проект на Националната галерија на Македонија (НГМ) во чест на Меѓународниот ден на аутизмот, 29 Aприл, кога и ќе бидат поставени творбите во Зоолошката градина во Скопје.
Покрај поставување на хотелите за инсекти, ќе биде презентиран прирачник за инсекти кој го изработија студентите од Машинскиот факултет отсек индустриски дизајн.

Творбите ги изработија ученици и студенти во просториите на Националната галерија на Македонија. (Фото: НГМ)
Како што велат од Националната галерија, промените во природата предизвикани од човекот не само што им отежнуваат на инсектите да најдат храна, туку и покрај нивната мала големина, инсектите како дивите пчели и бубачките сè почесто имаат проблем да најдат места за гнездење. Ако се земе во предвид дека околу 80 проценти од дивите растенија и повеќе од 150 важни култури зависат од опрашувањето на инсекти, овие засолништа се од исклучителна важност.
„Оттаму изградбата на хотели за инсекти во последниве години е сѐповеќе популарна. А инсектите како и луѓето си имаат свои услови и свои потреби како тие живеалишта треба да бидат направени. Па така, материјалите кои ги користевме беа погодни за нив како што се дрвени подлоги, плитки гајби, цевки од трска или бамбус, шишарки, струготини од дрво, глина… Внатрешноста на хотелите се заштити од ветар, дожд и снег како тие безбедно би можеле да се гнездат и да го одгледуваат своето потомство. Од предната страна ги покривме со жичана мрежа како би биле заштитени од предатори како што се птиците. Направените хотели ќе бидат поставени во Зоолошката градина на град Скопје во пролет кога тие најмногу се движат и бараат место за хибернирање, одмор или размножување“, вели Маја Димитрова, едукатоr во Националната галерија.