Банана залепена на ѕид се продаде на аукција за 120.000 долари, пред да биде изедена од друг уметник.
Делото „Комичар“ на италијанскиот уметник Маурицио Кателан беше изложено во меѓународната галерија „Перотин“ во Мајами, откако пред неколку дена беше купена од тројца луѓе. Но, уметникот Дејвид Датуна ја симна од ѕидот, ја излупи и ја изеде.
„Ова е моја уметничка изведба. Ги сакам делата на Маурицио Кателан и навистина ја сакам неговата инсталација. Беше многу вкусна“, напиша Датуна на Инстаграм.
И покрај првичното негодување на вработените, изедената банана беше заменета со нова, без да бидат преземени мерки против Датуна. Дополнително беше поставен полицаец да ја чува бананата.
„Датуна не го уништи моето уметничко дело. Бананата е идејата“, се огласи Кателан.