(Специјално од Ротердам: Игор ТРАЈКОВСКИ)
Првото евровизиско полуфинале, на кое како шести за Македонија настапува Васил Гарванлиев со „Стојам тука“ (Here I Stand), започнува вечерва во 21 часот. Во конкуренција од 16 композиции за 10-те места во финалето, покрај Македонија, ќе се натпреваруваат и Австралија, Ирска, Литванија, Русија, Словенија, Шведска, Азербејџан, Белгија, Хрватска, Кипар, Израел, Малта, Норвешка, Романија и Украина.
За фаворити во ова полуфинале предничат Малта и Кипар, Малта со извонредниот вокал на 18-годишната Дестини Чукуњере која беше победник на детската Евровизија во 2015, а Кипар со атрактивниот настап на Елена Цагрину. На синоќешната втора генерална проба пред публика, која воедно е и полуфинале за жиријата во земјите кои гласаат вечерва, Васил се претстави одлично, и вокално, и визуелно, а успешен настап проследен со јак аплауз имаа и Литванија, Малта, Украина, Русија и Азербејџан. Романија разочара вокално иако Роксен важеше за еден од потенцијалните фаворити на натпреваров. Австралија не е присутна на настанот поради австралиските рестрикции за патувања во странство и нивниот евровизиски настап е снимка од сценска изведба на композицијата во живо.
Настанот беше проследен со технички проблеми при последните неколку изведби, па Романија, Украина и Малта настапија по двапати. ЕБУ вети дека ќе ги анализира проблемите и ќе осигура тие да не се јават и при вечерашниот пренос.
Во ова полуфинале, освен земјите кои се натпреваруваат, ќе гласаат и жиријата и публиката на Германија, Италија и Холандија.
Евровизија, по едногодишна пауза, се одржува во ротердамската сала „Ахој“ од 18-22 мај. Второто полуфинале, на кое исто ќе се изберат 10 финалисти, е в четврток, 20 мај. Големото финале е в сабота, 22 мај, и на него ќе се натпреваруваат вкупно 26 композиции, вклучувајќи ги тука и директните финалисти Германија, Италија, Велика Британија, Франција, Шпанија и Холандија.