Василичарите од скопската населба Дебар Маало традиционално го прославија празникот Василица, со василичарски оган, традиционални јадења, греани вино и ракија на Боемската улица. Сите пари од продажбата на храната и пијалоците ќе бидат донирани на децата со Даунов синдром од НВО дневниот центар „Доза среќа“.
„Нашето хуманитарно здружение постои три години и трета година п0 ред парите ги донираме за социјално загрозени семејства. Годинава, во соработка со ‘Доза среќа’, парите собрани од продадената храна и пијалоци, и донациите кои ги добивме од пријателите ќе ги донираме за децата со Даунов синдром. Битно ни е секоја година да се собираат што повеќе луѓе и да ја поддржат оваа хумана мисија“, кажа Драган Арсовски, претседателот на здружението на граѓани „Василичарите од Боемска“.
„Се надеваме дека со овие донации ќе бидеме покриени барем за една година со психолошка поддршка за децата, а се надеваме дека ќе добиеме и апарати што ни се потребни за нив. Годинава за нас, а следните години може да се помогне за друго здружение кое може да помогне на повеќе семејства“, рече Ирена Лозана, инструкторка по јога во дневниот центар „Доза среќа“, која е мајка на дете со аутизам.
Традиционално, дебармаалците Василица ја славеа со музика во живо, и кршеа пита со паричка за бериќет.
М. ЏАРОВСКА