Младиот велешанец Ристе Мулев, минатиот викенд, за четири дена, со неговиот автомобил, олдтајмер помина 1650 километри, патувајќи преку шест држави. Целта му била да учествува на собирот на стари автомобили во возна состојба, од марката „опел кадет“. Собирот беше во Херцеговина во градот Широки Брег. Неговиот автомобил е двојно постар од него, има 49 години.
„Целта ни беше учество на собирот на стари автомобили од марката ‘опел’. Нашето возило е во возна состојба, регистриран и реставриран. Стартувавме од Велес, преку Србија -Мокра Гора, Вишеград, Сараево, Мостар и стигнавме до Широки Брег. На враќање се спуштивме до Требиње, влеговме во Црна Гора, Херцег Нови, Сутоморе, па Албанија , Косово и дома“- кажа Мулев кој на оваа авантура бил со неговиот татко Љупче.
„Ова патување ми овозможи да се запознаам со сопственици на автомобили од марката ‘опел’ од Германија, Австрија, Хрватска, Србија. На изложбата можев да разменам искуства за возилата, за одржувањето. Имаше 115 возила, некои беа од првата генерација на ‘опел кадет’ , мојот е од ‘Ц’ од 1974 година“, додава помладиот Мулев.
Тој со неговиот татко имаат уште еден „кадет караван“ кој чека на реставрација.
П. ПЕЧКОВ