Виетнам победи на првото издание на возобновеното музичко натпреварување Интервизија, чиј домаќин беше Москва, но американскиот претставник се повлече во последен момент поради, како што кажаа организаторите, политички притисок. Младиот пејач Дук Фук ја освои наградата од 30 милиони рубли (360.000 долари) со својата моќна балада.
„Импресиониран сум. Не можев ни да замислам дека би можел да победам на вака голем настан“, изјави Дук Фук.
Киргистан заврши на второто место, а Катар беше трет.
Интервизија, која се одржувала од 1965 до 1968 и потоа од 1977 до 1980, беше возобновена во почетокот на оваа година со претседателски указ на Владимир Путин, три години откако Русија беше исфрлена од Евровизија поради војната во Украина. Манифестацијата се пренесуваше на руската државна телевизија, а преку интернет и телевизија можеше да се гледа и во другите земји-учеснички, кои имаат вкупно население од над четири милијарди луѓе.
„Наспроти евровизискиот кич, Интервизија ќе промовира традиционални, универзални и семејни вредности“, најавија организаторите.
Меѓу 23-те учесници беа и Кина, Индија, Бразил, Белорусија, Србија, Куба, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Венецуела, Узбекистан и Мадагаскар. Австралиско-грчката пејачка Васи, која требаше да ги претставува САД, се повлече во последен момент откако „се нашла под силен притисок од австралиската влада“, кажаа организаторите. Австралија досега не го коментираше ова.
Путин го отвори финалето со видеопорака, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кажа дека Интервизија нема политички цели.
На крајот беше објавено дека следното издание ќе се одржи во Саудиска Арабија.