Огромна копија на атински Партенон се истакнува на изложбата во германскиот град Кесел, раскажувајќи приказна за слобода на говорот и за забранување книги, за што беше избрана и соодветна локација.
Аргентинката Марта Минухин е уметницата која стои зад инсталацијата „Партенон од книги“. Таа доби голема поддршка од јавноста, која и помогна да собере над 100.000 копии од книги, што во еден момент беа забранети во различни делови од светот.
Меѓу нив се наоѓаат и класици како „Авантурите на Том Сојер“ од Марк Твен, „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол и „1984“ од Џорџ Орвел, но и модерни наслови како „Кодот на Да Винчи“ од Ден Браун.
А, доколку пораката што ја испраќа не е доволно силна, и самата локација на изложбата е приказна сама за себе.
Токму на ова место, на 19 мај 1933 година, нацистите спалија над 2.000 книги од еврејски и марксистички автори, во чинот што беше наречен „Кампања против негерманскиот дух“. Осум години подоцна, библиотеката „Фридериканиум“ беше погодена во сојузничко бомбардирање, при што имаат изгорено над 350.000 книги.
По завршувањето на изложбата, сите книги бесплатно ќе бидат поделени.