ВО МРТВ НЕМА НИТУ ЕДНА МОЈА СНИМЕНА ЕМИСИЈА ВО АРХИВА ПО 50 ГОДИНИ „ДИСКО СЕЛЕКТОР“, ВЕЛИ ДРАГАН Б. КОСТИЌ

    ВО МРТВ НЕМА НИТУ ЕДНА МОЈА СНИМЕНА ЕМИСИЈА ВО АРХИВА ПО 50 ГОДИНИ „ДИСКО СЕЛЕКТОР“, ВЕЛИ ДРАГАН Б. КОСТИЌДраган Б. Костиќ со сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, организиратор на настанот „Последниот танц“ на 29 ноември. (Фото: СДК.МК)

    Легендарниот радиоводител и диџеј Драган Б.Костиќ со гордост се сеќава на секоја емисија од седијалот „Заборави ако можеш“,  која одеше на Македонското радио од 1991 до 2014 година, а ги имало 46.661. Истата година заврши и неговиот друг радио проект по кој е препознатлив, „Диско селектор“, а почна пред 50 години, во 1974.

    Костиќ вели дека на 29 ноември ќе го одигра последниот танц, на настанот „Последниот танц“ во скопската сала „Јане Сандански“ од 22 часот, кој го организира „Авалон“.

    „Ме прашуваат многу луѓе што ќе биде на настанот. Што може да биде? Не можам да ставам танчарка на шипка. Сакам да биде средба на генерации, да се видат луѓе кои со години не се се виделе, да дојдат цели семејства, мајки и татковци со децата, но да не користат телефони и да не се сликаат зашто телефони немаше кога почнував јас. Таа вечер луѓето треба да уживаат и да се препознаат меѓу себе, а јас ќе пуштам музика за сите тие генерации“, кажа Костиќ на прес-конференцијата денеска во Скопје.

    Забавата се организира по повод 50 години од „Диско селектор“, а како што кажа Костиќ, во Македонската радио телевизија нема ниту една негова снимена емисија која се чува во архива.

    „Ниту една моја емисија не ја чуваат во архивата на МРТВ, за жал. Нема нешто што останало зад мене ни ако затреба утре за Ин мемориам. Затоа го правам ова, да остане нешто зад мене, да има по што да ме паметат“, додаде Костиќ.

    Вели дека му е драго што за неговата работа во музичката индустрија дознале од официјалната Англиска топ-листа.

    „Една англиска фејбук страница дознала за моите книги ‘1981’ и ‘Заборави ако можеш’ и ми побараа преведен материјал на англиски. Им реков дека не сум во години кога можам да преведувам. Подоцна, од официјалната Англиска топ-листа слушнале за мојата работа и добив статуетка, благодарница за она што сум го направил за популаризација на англиската музика“, рече Костиќ.

    До крајот на годината има договорено неколку настапи за помалку публика, и ќе се повлече од големите настани откако 20 пати ја има наполнето скопската дискотека „Колосеум“ со по 2.000 луѓе. Но, Костиќ нема да се откаже од неговите три емисии: „Заборави ако можеш“, „Диско селектор“ и „Кавервил“ со која направи 1.000 епизоди.

    „Трите емисии ќе ги поставам на дигитални платформи и ќе може да ги слуша кој кога сака и има време. Сакам да останат снимени и младите да можат утре нешто да научат од нив. Сите три ќе се емитуваат неделно, значи во една недела ќе работам на трите емисии“, вели Драган Б. Костиќ.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира