Речиси недопрен римски мозаик стар 1.600 години е откриен во централна Сирија. Мозаикот со големина 20х6 метри е пронајден под зграда во Растан близу Хомс, кој до 2018 беше под контрола на бунтовниците во граѓанската војна.
Прикажувајќи митски сцени од Тројанските и Амазонските војни, мозаикот е опишан како еден од најретките од ваков вид. Ова е најзначајното археолошко откритие во Сирија од почетокот на војната во 2011 година.
„Ова што го гледаме пред нас е ретко на глобално ниво. Мозаикот е богат со детали и ги прикажува римскиот бог Нептун и 40 негови љубовници, но и Херкул како ја убива амазонската кралица Хиполита“, изјави Хаман Сад од Генералниот директорат за музеи и антиквитети на Сирија.
Сирија важи за археолошка ризница, бидејќи е дом на некои од најдобро зачуваните остатоци од древни цивилизации, но голем дел од локалитетите беа уништени или ограбени во граѓанската војна.